Вибер воведува нови практични опции за корисниците

Откријте како да испраќате пораки до 50 контакти без група, да ги проверувате заедничките разговори и да закажувате услуги преку Вибер.

Многумина го користат Вибер (Viber) само за основна комуникација, но апликацијата нуди и низа корисни алатки што можат да заштедат време, да ги намалат грешките при пишување и да го олеснат снаоѓањето во разговорите и пребарувањето локални услуги.

Овие функции не се секогаш лесно забележливи, но можат да бидат практични во секојдневната комуникација. Еве како да ги користите.

Автоматско исправување наместо само означување на грешките

Ако Вајбер само ги подвлекува погрешно напишаните зборови, тоа значи дека е активна проверката на правописот, но не и автоматското исправување.

На компјутер, кликнете со десното копче на глувчето во полето за пишување порака и изберете „Автоматско исправување на правописот“ (Correct Spelling Automatically). Оваа опција е различна од „Проверка на правописот“ (Check Spelling), која само визуелно ги означува грешките.

На телефон, Вибер се потпира на системската тастатура, па автоматското исправување треба да го активирате во нејзините поставки. На уредите со iOS, патеката е: Поставки → Општо → Тастатура → Автоматско исправување. Кај Андроид, постапката зависи од тастатурата што ја користите, како што се Гборд (Gboard) или тастатурата на Самсунг.

Една порака до повеќе луѓе без создавање група

Опцијата „Групно испраќање“ (Broadcast) овозможува истата порака да ја испратите до најмногу 50 контакти одеднаш, без да создавате групен разговор. Секој примател ја добива пораката како приватна, одговара директно вам и не гледа кој друг ја добил.

Сепак, постои едно важно ограничување: примателот мора да го има зачувано вашиот телефонски број во својот именик. Во спротивно, пораката нема да пристигне. Честото испраќање пораки до непознати контакти може да доведе и до тоа системот да го означи испраќачот како спам.

За да испратите ваква порака:

  1. Отворете го Вибер на телефонот и одете во делот „Разговори“ (Chats).
  2. Допрете ја иконата за нова порака и изберете „Групно испраќање“ (Broadcast).
  3. Означете ги контактите до кои сакате да ја испратите пораката и потврдете со „Готово“ (Done).

Проверете во кои групи сте заедно со некого

Кога со иста личност сте членови на повеќе групи – деловни, семејни или пријателски – понекогаш е тешко да се сетите во кој разговор сте договориле нешто.

Вибер нуди едноставен начин да ги проверите заедничките групи. Отворете приватен разговор со лицето, допрете го неговото име на горниот дел од екранот, влезете во „Информации за разговорот и поставки“ (Chat Info & Settings), а потоа изберете „Заеднички групи“ (Groups In Common).

На едно место ќе ги видите сите групи во кои членувате и двајцата.

Пронајдете локални услуги и закажете термин преку апликацијата

Пребарувањето во Вибер може да послужи и за пронаоѓање локални услуги, како фризерски салони, козметички студија или мајстори. Доволно е во главното поле за пребарување да ја внесете саканата категорија или услуга. Ако сте дозволиле пристап до вашата локација, покрај резултатите ќе биде прикажано и колку се оддалечени од вас. На деловните профили може да најдете адреса, опис на дејноста, каталог на услуги или производи, како и можност директно да започнете разговор.


Кај деловните профили што ја поддржуваат оваа функција се појавува и копчето „Закажи термин“ (Book Appointment). Со негово избирање се отвора страница на која можете да изберете слободен термин, без да ја напуштите апликацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс