Земјоделството троши сè повеќе вода: сушите го менуваат начинот на кој се одгледува храната

Старите системи за наводнување губат вода, сушните периоди стануваат подолги, а земјоделците се принудени да наводнуваат два до трипати неделно, Стеван Чордановски од Федерација н аФармери предупредува дека водата мора да се третира како ресурс број еден

Климатските промени веќе го менуваат начинот на кој македонските земјоделци ја користат водата. Подолгите сушни периоди и високите температури го зголемуваат бројот на наводнувања, а со тоа и трошоците и потрошувачката на водните ресурси. Стеванче Јорданоски, земјоделец и претседател на Националната федерација на фармери, вели дека иднината бара и промена на системите за наводнување, и прилагодување на земјоделските сорти.

Старите системи се еден од изворите на загубите

Според Jордановски, загубите на вода се случуваат уште во инфраструктурата за наводнување. Каналите и системите што се користат во земјоделството во голем дел се стари повеќе од половина век, поради што се амортизирани и често имаат дефекти.

„Имаме загуби на водата за наводнување во самата инфраструктура, во самите мрежи за наводнување, канали и системи за наводнување кои се веќе прилично стари, над половина век и доста амортизирани“, вели Jорданоски.

Дополнителен проблем е и начинот на наводнување. Дел од земјоделците сè уште користат отворени системи, бразди, распрскувачи, топови и тифони, додека како поефикасна технологија тој го издвојува системот „капка по капка“.

„Денес препорачливо, и со оваа анкета потврдено, е да се наводнува со системите капка по капка, каде што се троши најмалку вода, а се постигнуваат најдобри резултати“, вели тој.

Од едно наводнување се трошат стотици илјади литри

Истражувањето спроведено од „Епицентар“ во соработка со Националната федерација на фармери покажало колкави количества вода се користат при наводнувањето.

„Ако земеме еден хектар како пример, видовме дека се троши некаде околу 150 илјади до 200 илјади и повеќе литри, во зависност од културата и периодот. Тоа значи дека се троши многу вода за едно наводнување на само една единица површина – еден хектар“, вели Jорданоски.

Токму затоа, според него, идните политики мора да бидат насочени кон рационално користење на водата и воведување нови технологии со кои ќе се постигнува ист или поголем земјоделски принос со помала потрошувачка на вода.

Сушите веќе го зголемуваат бројот на наводнувања

Климатските промени дополнително го засилуваат проблемот. Jордановски вели дека земјоделците денес мораат значително почесто да наводнуваат отколку пред неколку децении.

„Ако на една единица површина пред десетина години требало да се наводнува еднаш неделно или на две недели, сега последниве години мораме тоа да го правиме минимум двапати и трипати неделно“, вели тој.

Тоа, додава, значи неколкукратно зголемување на трошоците за наводнување, но и поголемо трошење на водните ресурси во период кога достапноста на вода станува сè понеизвесна.

Последиците не се ограничени само на количеството произведена храна. Подолгите суши и високите температури влијаат и врз плодовите и врз крајната производна цена на земјоделските производи.

Ќе мора да се менуваат и сортите

Прилагодувањето на земјоделството на новите климатски услови, според Jорданоски, не може да се сведе само на прашањето на водата. Промени ќе бидат потребни и кај семињата и сортите што се одгледуваат.

„Секако дека треба да се прилагодуваат и самите сорти, самите семиња на климатските промени“, вели тој, додавајќи дека земјоделството ќе мора да се приспособува на сушите и високите температури, но и на други климатски екстреми.

Паралелно со тоа, потребни се нови акумулации, вештачки езера и системи за наводнување, но и реконструкција на постојните системи.

„Водата треба да ја цениме како ресурс број еден, општо како луѓе, после како земјоделци, бидејќи без неа немаме да имаме земјоделство“, порачува Jорданоски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс