Од организацијата посочуваат дека видеото е објавено во октомври минатата година и трае речиси половина час. Според нив, на снимката се гледа и возило со ознаки на Националниот парк „Маврово“.
„Еко-свест“ и уште 19 граѓански организации бараат од Владата и Министерството за животна средина да ја забрзаат постапката за репрогласување на Националниот парк „Маврово“, како и до нејзино завршување да се воведе мораториум на активности што можат да ја загрозат природата.
Од организацијата велат дека паркот повеќе години се наоѓа во правен вакуум – нема нов закон за репрогласување, ниту План за управување и други клучни документи за заштита на природата.
„Паркот се наоѓа во правен вакуум“, вели Марко Гучевски од „Еко-свест“, посочувајќи дека ловот во национален парк е забранет поради присуството на повеќе заштитени видови.
Меѓу нив е и балканскиот рис, еден од најзагрозените видови во регионот. Според истражувањата спроведени за новата Студија за ревалоризација, во Маврово се регистрирани и мечки, волци и други ретки и заштитени видови.
Новата Студија предвидува повеќе од половина од територијата на паркот да биде под режим на строга заштита и активно управување, а границите на националниот парк да се прошират за повеќе од 1.000 хектари.
Извор: „Еко-свест“