Цените на месечните и годишните карти во голем број европски градови значително пораснале во последните три години. Според истражување на „Гринпис“, објавено од Euronews, во некои престолнини поскапувањето надминува и 50 отсто.
На врвот е Никозија, каде долгорочните карти се поскапени за дури 67 отсто во однос на 2023 година. Следуваат Амстердам со 55 отсто и Мадрид со 50 отсто. Значително поскапување има и во Братислава, Берлин и Виена.
А кога станува збор за тоа колку треба да издвоите секој месец, Лондон е меѓу најскапите европски престолнини. Месечната карта чини околу 162 евра. Во Амстердам е околу 107 евра, додека во Париз за месечен превоз се потребни околу 77 евра.
Но, не секаде цените одат нагоре.
Во Даблин, на пример, долгорочните карти поевтиниле за дури 42,5 отсто од 2023 година. Намалување има и во Осло, Берн и Будимпешта.
Истражувањето покажува дека не е важна само цената на картата. За патниците значи многу и што добиваат за тие пари – дали картата важи за автобуси, трамваи, метро и возови, на колкава територија може да се користи и дали има поповолни цени за млади, студенти или други категории граѓани.
Токму затоа Талин, Луксембург и Валета се издвојуваат како престолнини со релативно достапен јавен превоз, а високо се позиционирани и Прага, Рим, Атина, Софија и Виена.
За оние што патуваат низ Европа, пораката е едноставна: пред да резервирате сместување, добро проверете и колку ќе ве чини движењето низ градот. Понекогаш евтината авионска карта може да биде само почетокот на трошоците.