Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, и амбасадорката на Холандија, Узлем Џанел, вчера во „Јуроп хаус“ во Струмица разговараа со земјоделци, научници и претставници на невладиниот сектор за иднината на аграрот. Фокусот на новата сесија на „Кафе со амбасадори“ беше ставен на Заедничката земјоделска политика на ЕУ и можностите што европските земјоделски стандарди им ги носат на малите и средните локални производители.
Главната тема на струмичката дебата беше Заедничката земјоделска политика на Европската Унија (CAP). Земјоделците и експертите отворија прашања за тоа како овие правила влијаат врз директните субвенции, еколошките норми и секојдневната работа на малите производители во земјата.
Германија и Холандија ги презентираа сопствените решенија за актуелниот земјоделски притисок: одржување висок принос со силна заштита на водите, земјиштето и биодиверзитетот. Дискусијата ги опфати и климатските промени, кои веќе го менуваат производниот календар во југоисточниот регион.

Учесниците анализираа како современите алатки можат да се применат на струмичките полиња. Акцентот беше ставен на прецизното земјоделство, современите стакленички капацитети и окрупнувањето преку земјоделски задруги за поефикасен настап на пазарот.
Струмичкиот регион располага со силна традиција во градинарството и поволна географска позиција за извоз. Сепак, како што беше наведено на настанот, тие предности бараат трансфер на технологија, научно знаење и искористување на европските финансиски инструменти за поддршка на руралниот развој.
„Кафе со амбасадори“ е дел од активностите на Јуроп хаус, насочени кон отворање простор за дијалог за европските политики, искуства и вредности и нивното практично значење за граѓаните и локалните заедници низ Северна Македонија.