Зеленски тврди дека Русија му помага на Иран во нападите на американски бази

Американскиот претседател најави личен разговор со Путин, но тврди дека помошта нема големо влијание
Фото: EPA/MICHAEL KLIMENTYEV / SPUTNIK / KREMLIN POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави пред новинари во авионот Ер Форс Ван дека лично ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за наводите дека Москва му помага на Техеран во нападите врз американски цели на Блискиот Исток. Изјавата дојде два дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдеше дека Русија испорачува сателитски снимки од американски и заливски воени објекти.

Зеленски порача дека Киев забележал „јасна поврзаност меѓу руските сателитски снимки на тие локации и иранските напади“. Изјавата дојде во контекст на американската војна против Иран, за време на која, според украинскиот претседател, Москва го снабдува Техеран со разузнавачки материјал.

На прашање што планира да преземе Вашингтон поради обвинувањата, Трамп одговори дека администрацијата ќе го провери наводот и дека тој самиот ќе го праша Путин. „Ќе провериме дали е тоа вистина. Ќе го прашам Путин за тоа. Ќе дознаеме“, изјави тој.

Трамп потоа рече дека дури и ако Русија навистина помага на Иран, таквата поддршка веројатно нема значаен ефект. Како пример го наведе американскиот напад врз Венецуела.

Тој тврди дека руските противвоздушни системи што ги добила Венецуела не успеале да го запрат американскиот напад. „Тоа нема голем ефект бидејќи целосно го разбивме Иран. Русија ѝ и даде многу воена опрема на Венецуела. Венецуела имаше руска опрема. Како заврши тоа? Не баш добро”, наведе тој.

Американскиот претседател повтори дека не верува дека Русија му помага на Иран. „Не мислам дека тоа го прават. Сигурно не на високо ниво, а и да го прават, тоа нема речиси никаков ефект“, додаде тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс