Зеленски: Добивме нов лансер за системот IRIS-T

ИРИС-Т е современ систем за воздушна одбрана земја-воздух произведен од германската компанија Дил Дефенс

Украина вчера од Германија доби лансер за системот за воздушна одбрана ИРИС-Т.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на социјалната мрежа X дека Русија испалила 2.300 борбени дронови, речиси 1.560 наведувани воздушни бомби и 108 ракети од различни видови кон Украина во текот на изминатата недела. „Сите цели биле цивилна инфраструктура, вклучувајќи станбени згради и енергетски објекти“, тврди тој.

„Секој ден работиме на обезбедување поголема заштита од рускиот терор. Вчера добивме нов лансер за системот ИРИС-Т. Ѝ благодариме на Германија за нејзиниот постојан придонес во заштитата на луѓето; благодарение на таквата силна поддршка, илјадници и илјадници животи се спасени“, рече Зеленски.

Што е IRIS-T?

ИРИС-Т е современ систем за воздушна одбрана земја-воздух произведен од германската компанија Дил Дефенс. Системот е дизајниран да соборува авиони, хеликоптери, беспилотни летала и крстосувачки ракети, според украинското Министерство за одбрана.

Високотехнолошките ракети IRIS-T се способни за брзо маневрирање, можат да се борат со цели и челно и во потера, и се опремени со исклучително чувствителни инфрацрвени трагачи. Тие можат да пресретнат модерни авиони, да ги надминат нивните контрамерки и да разликуваат вистински цели од мамки.

Моментално се користат две верзии на системот IRIS-T:

  • IRIS-T SLS (краток дострел) – дострел до 12 км и работна надморска височина до 8 км.
  • IRIS-T SLM (среден дострел) – дострел до 40 км и работна надморска височина до 20 км.

Зеленски им пишал на Трамп и членовите на американскиот Конгрес

Зеленски рече дека на Украина ѝ се потребни дополнителни ракети за системите за воздушна одбрана за да одржи доволна способност за одбивање на руските напади.

Тој претходно испрати писмо до американскиот претседател Доналд Трамп и членовите на Конгресот во кое ги предупреди за недостатокот на воздушна одбрана. Тој исто така извести дека за време на големиот напад на 24 мај, Русија употребила две балистички ракети со среден дострел од типот „Орешник“.

Американскиот демократски сенатор Ричард Блументал објави дека САД ќе одговорат на писмото од украинскиот претседател во врска со недостатокот на систем за воздушна одбрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс