Ново истражување на научници од австралискиот Универзитет „Едит Кауан“ покажува дека зелениот лиснат зеленчук, како спанаќот, кељот и брокулата, може значително да го намали ризикот од развој на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), една од водечките причини за смртност во светот.
Истражувањето, во кое биле следени повеќе од 179.000 возрасни лица во период од десет години, покажало дека луѓето кои редовно внесуваат зеленчук богат со витамин К1 имаат подобра функција на белите дробови и до 16 проценти помал ризик од развој на ХОББ. Според научниците, дури и една дополнителна дневна порција од околу 45 до 60 грама зелен лиснат зеленчук може да има позитивен ефект.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека здравата исхрана не може да ја поништи штетата од пушењето или загадениот воздух. Тие нагласуваат дека најважниот чекор за зачувување на здравјето на белите дробови останува откажувањето од цигарите и намалувањето на изложеноста на загадување.
Хроничната опструктивна белодробна болест е прогресивно заболување кое го отежнува дишењето и според Светската здравствена организација годишно од неа умираат повеќе од три милиони луѓе. Најчестите фактори на ризик се пушењето и загадениот воздух, а здравата исхрана може да биде важен дел од превенцијата, но не и замена за здравите животни навики.