„Зелен ѕид“ долг 8.000 километри: Африка го обновува Сахелот и сака да го нахрани милиони луѓе

Големата иницијатива се протега од Сенегал до Џибути и има цел да обнови 100 милиони хектари деградирано земјиште, да создаде 10 милиони работни места и да ја подобри безбедноста на храната

Додека светот се соочува со сè посилните последици од климатските промени, африканските земји спроведуваат еден од најамбициозните проекти за обновување на природата во светот. Станува збор за Големиот зелен ѕид, иницијатива што се протега од брегот на Атлантскиот Океан во Сенегал до Џибути на Црвеното Море, низ појасот Сахел, во должина од околу 8.000 километри.

Иако името создава слика за непрекинат појас од дрвја што ја пресекува Африка, проектот денес е многу поширок. Целта не е само да се засадат милиони дрвја, туку да се обноват деградираните екосистеми, да се спречи ширењето на пустинските подрачја, да се подобри земјоделското производство и да се создадат подобри услови за живот на милиони луѓе.

Од борба против пустинизацијата до обновување на цели екосистеми

Проектот во 2007 година го започна Африканската унија како одговор на забрзаната деградација на земјиштето и пустинизацијата во Сахел – огромен полусув регион кој ја одвојува Сахара од позелените савани на југот. Првичната идеја била да се создаде зелен појас широк околу 15 километри, кој би се протегал низ целиот континент.

Со текот на времето, научните истражувања покажале дека единствена линија од дрвја не е најсоодветното решение за толку различни климатски и природни услови. Затоа концептот се проширил. Денес во различни области се обновуваат шуми, пасишта, мочуришта, земјоделски површини и автохтона вегетација. Се применуваат мерки приспособени на локалната клима и природните услови, наместо насекаде да се применува ист модел.

Зошто Сахелот е толку важен?

Сахелот со децении се соочува со суши, деградација на почвата и сè поизразени последици од климатските промени. Милиони луѓе во регионот зависат од земјоделството и сточарството. Кога почвата се исцрпува, а врнежите стануваат понепредвидливи, приносите се намалуваат, сиромаштијата расте, а снабдувањето со храна станува сè понесигурно.

Затоа обновувањето на земјиштето има директна врска и со егзистенцијата на локалното население. Со подобрување на квалитетот на почвата, задржувањето на водата и обновувањето на вегетацијата, земјоделството може да стане поотпорно, а земјоделците да добијат постабилни приноси и приходи.

На некои места се садат автохтони видови дрвја, додека на други се поттикнува природното обновување на вегетацијата. Се применуваат поодржливи земјоделски техники, се собира дождовница, се обновуваат пасиштата и се подобрува квалитетот на почвата.

Цели до 2030 година

Големиот зелен ѕид има амбициозни цели за крајот на оваа деценија. Планирано е: да се обноват 100 милиони хектари деградирано земјиште – површина приближно колку територијата на Египет; од атмосферата да се отстранат околу 250 милиони тони јаглерод диоксид; да се создадат 10 милиони работни места поврзани со зелената економија; да се подобрат условите за живот и безбедноста на снабдувањето со храна за милиони жители на Сахелот.

Во иницијативата учествуваат повеќе од 20 африкански држави, со поддршка од меѓународни организации, развојни банки и еколошки фондови.

Резултатите веќе се гледаат

Иако до исполнувањето на целите има уште многу работа, одделни земји веќе бележат значаен напредок. Сенегал засадил милиони дрвја и обновил големи површини деградирано земјиште. Етиопија спровела големи програми за обновување на земјиштето, додека Нигерија, Нигер и други држави сè повеќе применуваат одржливи методи за управување со природните ресурси.

Според процените наведени во проектот, досега се обновени околу 30 милиони хектари деградирано земјиште. Сепак, целите до 2030 година нема да бидат лесни за постигнување. Потребни се дополнителни финансиски средства, посилна соработка меѓу државите и постабилни безбедносни услови во регионите погодени од конфликти.

Не се обновува само природата, туку и животот на луѓето

Придобивките од обновувањето на екосистемите не се ограничуваат на заштитата на природата. Вегетацијата го намалува уништувањето на почвата, придонесува за задржување на водата и складира јаглерод. Обновените живеалишта можат да создадат услови за враќање на растителни и животински видови, додека поздравата почва им овозможува на земјоделците подобри приноси и постабилна испаша за добитокот.

Во регион каде климатските промени, сиромаштијата и деградацијата на земјиштето се тесно поврзани, ваквиот пристап има и економска и социјална димензија.

„Ѕид“ што не раздвојува, туку поврзува

Големиот зелен ѕид денес е многу повеќе од проект за садење дрвја. Тој претставува обид за обновување на цели екосистеми и создавање поотпорни заедници во еден од најранливите региони во светот. Искуствата од Сахелот би можеле да бидат значајни и за други сушни подрачја што се соочуваат со деградација на почвата, недостиг од вода и климатски промени.

За разлика од ѕидовите што ги раздвојуваат луѓето, овој „зелен ѕид“ има сосема поинаква цел – да ја врати природата таму каде што е уништена и преку неа да создаде подобри услови за живот на милиони луѓе.


е-Трн да боцка во твојот инбокс