Можеби звучи необично, но валканите раце по игра во земја, градинарење или престој во природа не се нужно нешто лошо. Истражувањата покажуваат дека контактот со почва, растенија, мов и други природни материјали може да ја збогати микробиолошката разновидност на кожата, а тоа потенцијално влијае и врз имунолошкиот систем.
Мира Гренрос, еколог и истражувач на влијанието на природата врз здравјето од Финскиот институт за животна средина, во едно истражување побарала од испитаниците 20 секунди да ги тријат рацете со почва, тресет и мов. Резултатот бил значително зголемување на бројот и разновидноста на микроорганизмите на нивната кожа, дури и откако ги исплакнале рацете со вода.
На прв поглед, повеќе бактерии на кожата можеби не звучат како добра вест. Но, разновидната заедница на микроорганизми може да помогне во одржувањето на рамнотежата на кожата и да го отежне ширењето на потенцијално штетните бактерии.
Играта во кал може да има неочекуван ефект
Ова сознание особено се истражува кај децата во Финска. Во градинката „Aurinkolinna“ децата секој ден поминуваат по неколку часа надвор, во двор со дрвја, грмушки, песок, дрвени струготини и природна почва. Играат, се качуваат, прават замоци од песок и, неизбежно, се валкаат.
Научниците го следат нивното здравје во рамките на проектот Vahvistu, во кој се вклучени 43 детски градинки во Финска. Истражувачите ги анализираат микроорганизмите на кожата, во плунката и во дигестивниот систем, како и различни биолошки показатели, за да следат како долготрајниот контакт со природата влијае врз организмот.
Проектот се надоврзува на претходно истражување во кое дел од дворот на градинка бил претворен во минијатурна шумска средина со почва, тресет и растенија.Децата кои играле на таква подлога имале поголема микробиолошка разновидност на кожата во споредба со децата кои играле во поплочени дворови. Разликата била забележлива и една година подоцна.
Според истражувачите, поголемата разновидност на микроорганизмите може да помогне во одржувањето на природната рамнотежа на кожата и да го намали просторот за доминација на потенцијално штетните бактерии.
Здрава кожа, поурамнотежен имунитет?
Научниците сè повеќе го проучуваат односот меѓу микробиомот на кожата и имунолошкиот систем. Во едно истражување, деца играле во песочник збогатен со почва со голема микробиолошка разновидност, додека друга група користела песочник со помала разновидност на микроорганизми.
Кај децата кои биле изложени на микробиолошки побогатата почва била забележана поголема разновидност на одредени бактерии на кожата. Истовремено, биле регистрирани промени во цитокините – молекули кои имаат важна улога во регулирањето на имунолошкиот одговор.
Овие наоди се поврзуваат со таканаречената хипотеза за биодиверзитет, според која контактот со разновидни микроорганизми од природната средина може да влијае врз човечкиот микробиом, а преку него и врз здравјето. Една група бактерии, гамапротеобактериите, особено го привлекла вниманието на истражувачите. Кај децата кои играле во средина со шумска почва била забележана поголема разновидност на овие бактерии, што било поврзано и со зголемување на регулаторните Т-клетки, кои учествуваат во контролирањето и балансирањето на имунолошкиот одговор.
Сепак, научниците нагласуваат дека сè уште не може да се каже дека контактот со природата директно спречува заболувања како астма, егзема или алергии.
Не е потребна шума – доволна е и градина
Придобивките од контактот со природата не се ограничени само на децата. Во едно истражување, возрасни лица одгледувале зеленчук во затворен простор во текот на зимата. Едната група користела почва со голема микробиолошка разновидност, а другата почва со помалку микроорганизми.
По еден месец секојдневно грижење за растенијата, кај оние што користеле микробиолошки побогата почва била забележана поголема разновидност на бактериите на кожата, како и зголемување на одредени антиинфламаторни цитокини во крвта. И градинарството, според истражувачите, може да биде едноставен и лесно достапен начин за почест контакт со природната микробиолошка средина.
Во друго истражување, во фински канцеларии биле поставени „зелени ѕидови“ со живи растенија. По само две недели кај вработените била забележана поголема разновидност на микроорганизмите на кожата и намалување на одредени проинфламаторни цитокини.
Природата како дел од секојдневието
Истражувачите сметаат дека овие сознанија можат да бидат важни и за начинот на кој ги планираме градовите. Наместо природата да биде нешто до кое мора намерно да отпатуваме, парковите, дрвјата, тревата и другите природни површини би можеле да бидат дел од секојдневните патеки до работа, училиште или продавница.
Сè уште има многу прашања за тоа како точно контактот со природата влијае врз имунолошкиот систем и колку долго траат овие промени. Но досегашните истражувања укажуваат дека редовниот контакт со природна средина може да има потенцијални придобивки за микробиомот на кожата и за имунолошката регулација.
Затоа, следниот пат кога ќе седнете на трева, ќе допрете кора од дрво или ќе работите во градината, малку земја под ноктите можеби и не е толку лоша работа. Секако, тоа не значи дека хигиената треба да се занемари. По контакт со почва треба да се мијат рацете, особено пред јадење, но идејата дека секој микроорганизам од природата е наш непријател можеби е премногу поедноставена.