Ормус го зголемува трошокот низ целиот свет: Малите компании најтешко го поднесуваат ударот

UNCTAD предупредува дека нарушувањата во еден од најважните светски поморски коридори може да ги исфрлат малите и средните компании од глобалните синџири на снабдување

Проблемите со транспортот низ Ормускиот теснец би можеле сериозно да ги погодат малите и средните компании и да ги исфрлат од глобалните синџири на снабдување, предупреди Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD). Војната меѓу САД и Иран ги зголеми трошоците за енергија, транспорт и осигурување, а истовремено го отежна и пристапот до финансирање.

Малите и средните претпријатија потешко се справуваат со ваквите услови во споредба со големите компании. Големите фирми полесно можат да ја прошират мрежата на добавувачи, да најдат нови пазари и да обезбедат дополнителни извори на финансирање. Според UNCTAD, малите и средните претпријатија сочинуваат околу 90 отсто од компаниите во светот, вработуваат околу 70 отсто од работната сила и создаваат половина од глобалниот БДП.

Ормус веќе ги зголемува трошоците

Нарушувањата во транспортот низ Ормускиот теснец веќе се чувствуваат преку повисоките цени на нафтата, намалениот обем на поморскиот сообраќај и поскапото финансирање. Тоа создава дополнителен притисок врз малите и средните компании, кои и во нормални услови имаат повисоки трошоци за електрична енергија и увоз во споредба со големите корпорации.

UNCTAD предупредува дека последиците од значително намалениот транспорт низ Ормускиот теснец би можеле да бидат многу пошироки од самите проблеми во транспортот.

„Најголемиот проблем е што нарушувањата во трговијата би можеле да ги принудат помалите компании да го намалат обемот на работење или да се откажат од одредени пазари, дури и ако глобалната трговија наскоро почне да се опоравува“, изјави портпаролот на UNCTAD, Марсело Риси.

Предупредување за уште поголема моќ на големите компании

Отпорноста на глобалната трговија зависи и од учеството на малите и средните компании во синџирите на создавање вредност, предупредуваат од UNCTAD. Во спротивно, евентуалното закрепнување на светската трговија би можело само да ја прикрие зголемената концентрација на пазарот во рацете на големите компании. Исфрлањето на малите и средните претпријатија од глобалните синџири на снабдување би можело да доведе до поголема невработеност, пониски приходи на домаќинствата и зголемена социјална ранливост.

Така, кризата околу Ормускиот теснец не е само проблем за нафтениот и поморскиот транспорт. Таа може да се претвори и во поширок економски удар, особено за компаниите кои имаат помалку ресурси за да ги издржат растечките трошоци и да најдат алтернативни пазари и добавувачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс