Проблемите со пловидбата низ Ормутскиот Теснец сериозно ги загрозуваат малите и средните претпријатија, туркајќи ги кон маргините на светската трговија, предупреди Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД). Воениот конфликт меѓу САД и Иран предизвика скок на трошоците за гориво, превоз и осигурување, што претставува директен удар врз помалите фирми кои немаат финансиски капацитет да ја издржат оваа блокада.
Прекините во поморскиот сообраќај веќе се чувствуваат низ целиот свет преку повисоките цени на суровата нафта, намалениот број трговски бродови и затегнатите услови за кредитирање. За малите и средните претпријатија овие удари доаѓаат истовремено. Тие веќе плаќаат повеќе за електрична енергија и увозни суровини во споредба со големите деловни системи, па секој нов ценовен шок директно им ја топи ликвидноста.
УНКТАД посочува дека последиците од затворениот или отежнат премин низ теснецот одамна ги надминаа рамките на чистиот транспорт.
„Најголемиот проблем е што овие нарушувања може да ги принудат помалите компании да го намалат обемот на работа или целосно да се повлечат од одредени пазари, дури и ако глобалната трговија набрзо почне да закрепнува“, изјави портпаролот на организацијата, Марсело Риси.
Додека малите претпријатија се соочуваат со недостиг на ликвидност, големите корпорации имаат инфраструктура полесно да ги апсорбираат шоковите. Тие побрзо наоѓаат нови добавувачи, располагаат со алтернативни пазари и имаат директен пристап до поволни кредитни линии.
УНКТАД предупредува дека овој дисбаланс дополнително ќе ја засили пазарната моќ на мега-компаниите и ќе ја ослаби отпорноста на светската економија. Малите и средни фирми не се маргинален сектор. Тие сочинуваат околу 90 отсто од сите регистрирани бизниси на глобално ниво, вработуваат 70 отсто од вкупната работна сила и генерираат половина од светскиот бруто-домашен производ.
Ако притисокот врз нивната ликвидност потрае, директниот удар ќе падне врз работните места и потрошувачите.