Речиси третина здравствени работници во Европа се изложени на канцерогени ризици

Ново истражување покажува дека речиси третина од здравствените и социјалните работници во Европа се изложени на ризици што можат да предизвикаат рак.

Речиси една третина од здравствените и социјалните работници во Европа редовно се изложени на фактори што можат да го зголемат ризикот од рак, покажува ново истражување објавено во European Journal of Public Health, базирано на податоци од Workers’ Exposure Survey на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, EU-OSHA. Истражувањето отвора непријатно прашање: кој ги штити оние што секој ден се грижат за здравјето на другите?

Според EU-OSHA, ракот останува водечка причина за смртност поврзана со работното место во Европската Унија, со околу 100.000 смртни случаи годишно. Анкетата покажува дека 47,3 проценти од работниците во сите сектори биле изложени на најмалку еден ризик-фактор за рак во текот на последната работна недела. Истражувањето е спроведено преку 24.402 телефонски интервјуа од 2022 до 2023 година во Финска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска и Шпанија.

Ризици што долго биле помалку видливи

Кај здравствените и социјалните работници, 29,5 проценти пријавиле изложеност на еден или повеќе канцерогени ризици, а 7,8 проценти биле изложени на два или повеќе ризици. Секторот е еден од најголемите во Европа, со повеќе од 21,6 милиони вработени, од болници и домови за нега до медицински ординации и домашна грижа.

Авторите на студијата предупредуваат дека ризиците во здравствената и социјалната грижа историски биле помалку видливи отколку во други економски сектори, иако работниците таму секојдневно се соочуваат со комбинација од хемиски, физички и процесно создадени опасности. Студијата проценувала изложеност на 24 познати ризик-фактори за рак релевантни за работните места во ЕУ.

Најчести ризици кај здравствените и социјалните работници се јонизирачко зрачење, на кое биле изложени 7,4 проценти, издувни гасови од дизел-мотори со 6,2 проценти, соларно ултравиолетово зрачење со 6,1 процент, формалдехид со 5,2 проценти и бензен со 4,8 проценти. Формалдехидот и етилен оксидот најчесто се проценети како изложености на високо ниво, а се користат во дезинфекција и стерилизација.

Од рендген до средства за стерилизација

Работниците можат да бидат изложени на повеќе ризици во текот на својата кариера. Во здравството, тоа може да значи работа со рендген-апарати, радиоизотопи, анатомски лаборатории, дезинфекциски средства, стерилизација, но и изложеност на издувни гасови кај возачи и механичари во здравствени служби.

Јонизирачкото зрачење, ако се работи во близина и без соодветна заштита, може да предизвика оштетување на клетките. Формалдехидот е ризик за работниците во лаборатории за анатомија, додека техничарите што изработуваат коронки, мостови или протези можат да бидат изложени на респирабилна кристална силика. Возачите и механичарите се меѓу најизложените на издувни гасови од дизел-мотори.

Европскиот кодекс против рак ја издвојува изложеноста на работното место како клучна област за превенција, затоа што големи групи луѓе можат со години да бидат изложени на високи концентрации на опасни супстанции. Затоа прашањето не е само индивидуална заштита, туку системска превенција: подобра опрема, контроли, обуки, проценка на ризик и услови што одговараат на реалната работа на терен.

Ова истражување ја поместува темата од „херојството“ на здравствените работници кон нивната заштита. Ако Европа се потпира на милиони луѓе што ја носат здравствената и социјалната грижа, тогаш нивното работно место не смее да биде тивок ризик за болест. Здравствениот систем не може да биде здрав ако оние што го одржуваат работат во услови што ги разболуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс