За многумина, грижата за јазикот се сведува на строго следење на граматичките правила, прашливи речници и институционални декрети. Но за тимот зад „Зборци“, македонскиот јазик е многу повеќе од тоа – тој е жив организам, празник на креативноста, полигон за слободна мисла и простор каде што секој граѓанин може да стане творец. Нивната манифестација „Зборотворба на годината“ не е само симболичен натпревар за избор на нов збор, туку автентичен јазичен експеримент кој годинава обедини повеќе од 500 креативни предлози од луѓе кои решиле да си поиграат со сопствениот мајчин јазик.
Во време кога македонскиот јазик се соочува со институционален застој и сè поголем прилив на интернационализми, „Зборци“ нудат свежа и храбра алтернатива. Од суптилното редење на секоја запирка во нивната организација, преку неочекувани музички споеви и храбри разговорања за секојдневните феномени како озборувањето, па сè до планираните детски работилници и каравани низ Македонија – нивната мисија е јасна: јазикот да го вратат таму каде што му е местото – меѓу луѓето.
Во продолжение, разговараме со организаторите за тоа како од стотици предлози се стигнува до збор што ќе „фати корен“, зошто е важно да се зборува за живиот говор и каде ја наоѓаат искрата за оваа голема јазична авантура.
Трн: Што е „Зборотворба на годината“ и зошто ви е важно луѓето самите да создаваат и предлагаат нови зборови?
Зборци: „Зборотворба“ е подарок за македонскиот јазик, празник, веселба, приредба, натпревар, манифестација и голем предизвик за организирање. Предизвик е затоа што не е лесно да се навигира низ кулоарите на институциите, бизнисот и невладиниот сектор за да се најдат средства и поддршка за унапредување и осовременување на македонскиот јазик.
Организацискиот дел ни е многу важен и околу него сме исклучително внимателни. Не соработуваме со кого било и не ја курираме програмата само за да го пополниме времето. Секое делче од манифестацијата, од запирката до извичникот, од бојата на постерот до начинот на кој се рекламираме е производ на долгочасовни, испреплетени, вешти и невешти мислореди.
Веруваме дека елементот на натпревар го разгорува креативниот процес и им овозможува на многумина да се осмелат да испратат збор што го зборуваат со пријателите, го сонуваат со партнерите или, можеби, е само дел од некоја прекрасна приказна што ја слушнале како деца.
Оваа година до нас пристигнаа повеќе од 500 кандидати за нови зборови. Тоа го гледаме како голем успех, како панделка на подарокот.
Сакаме да веруваме дека зборовите што ќе ги избереме навистина ќе имаат смислоразбудувачка функција – дека ќе ја менуваат и превиткуваат реалноста, која, за жал, знае да биде статична.
Трн: Зошто годинава „Зборотворба“ ја отвора разговор за озборувањето како оваа тема се поврзува со јазикот што го користиме секојдневно?
Зборци: Озборувањето ни е интересно затоа што, колку и да сакаме да му припишеме негативно значење, тоа е една од најстарите и најприсутните форми на човечка комуникација. Постои една интересна и влијателна теорија на антропологот и еволутивен психолог Робин Данбар, според која јазикот се развивал и како начин луѓето да разменуваат социјални информации и да ги одржуваат врските во сè поголемите заедници.
Кај приматите, меѓусебното негување служи и за создавање доверба и социјални врски. Данбар претпоставува дека со растењето на човечките заедници физичкото „социјално негување“ станало недоволно, па разговорот презел дел од таа функција. Зборувајќи за себе и за другите, дознаваме кому можеме да му веруваме, кој кому му помогнал, кој кого повредил и што заедницата прифаќа или осудува.
Во поширока смисла, токму тоа е озборувањето. Денес најчесто го разбираме како нешто злонамерно или површно, а тоа може да има многу посложена општествена функција: да пренесува информации, да предупредува, да создава блискост и да ги исцртува неформалните граници во една заедница.
Токму затоа сакавме разговорот за озборувањето да биде дел од „Зборотворба“. Ако сакаме да зборуваме за жив јазик, интересно е да погледнеме што навистина правиме со него секој ден. А една од работите што, очигледно, многу сакаме да ги правиме со јазикот е да зборуваме едни за други.
Особено сме горди што Калиа, Румена и Коља ја прифатија покана и ќе бидат дел од овој разговор.
Трн: а сцената годинава се среќаваат многу различни генерации и музички изрази. Како ги одбравте изведувачите и што ги поврзува во една програма?
Зборци: Изборот на изведувачите произлегува од непрестајното следење на македонската музичка сцена, од многу свирки и, веројатно, од прегласно слушање музика. ВецВајсВерс пред неколку месеци го издаде својот прв студиски албум, а неговите стихови како совршено парче од сложувалката се вклопија во концептот на „Зборотворба“.
Идејата за хор, пак, ја врзавме во крпче уште во април. Додека имавме работилница во ООУ „Љубен Лапе“, случајно слушнавме детски хор како пее и во тој момент решивме: годинава „Зборотворба“ без хор не ја правиме. Така дојдовме до Женскиот младински хор при МКЦ.
Лидија Кочовска е легенда на македонската музичка сцена и преку неа го правиме спојот меѓу генерациите. И самата публика на „Зборци“ е интергенерациска – нè следат луѓе од дваесеттите до педесеттите години и сакаме со еднаква возбуда и почит да им пристапиме на различните генерации и на музиката со која тие растеле.
„Животни“, пак, со „На Балкан, сам“ успеаја во еден албум да сплотат различни звуци, јазици, места и чувства од Балканот. Албумот веќе доби признание и надвор од нашата сцена, влегувајќи во изборот на Beehype за најдобрите албуми на 2025 година. (beehy.pe) Маратонците со својот мангуплак беа едни од ѕвездите на овогодишниот Д-Фестивал, а Принцес Донатсу и Донплеја заедно со Битолскиот камерен оркестар се можеби најголемиот експеримент во програмата. Сè уште не знаеме како точно ќе звучи и токму тоа нè радува, убедени сме дека ќе биде шизички.
Така што, овој музички мозаик не е создаден според жанр или некоја однапред зададена формула. Тој е резултат на многу свирки, многу слушање музика и постојано следење на она што се создава околу нас.
Трн: Како од стотици предлози се стигнува до еден „збор на годината“ и што всушност прави еден нов збор добар?
Зборци: Од стотици предлози до три победнички зборови ќе стигнеме преку жири составено од луѓе што доаѓаат од различни области и, веројатно, токму затоа различно го слушаат и разбираат јазикот. Во него се проф. д-р Илина Јакимовска, антрополог и професорка на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Никола Трпески, рапер и текстописец, Дамјан Читкушев, театарски режисер, и Виктор Бучковски од Зборци.
А што е добар нов збор? За нас, пред сè, збор што има шанса да фати корен. Ќе бараме зборотворби што можат природно да влезат во секојдневниот говор и да именуваат нешто за што досега сме позајмувале збор или сме користеле интернационализам. Секако дека ја цениме јазичната креативност и неочекуваните спојувања, но најмногу нè интересира моментот кога креативноста, звучноста и употребливоста ќе се најдат во ист збор. Тогаш зборотворбата престанува да биде само интересен јазичен експеримент и добива вистинска шанса да заживее.
Трн: Што сакате да остане по „Зборотворба“ – еден победнички збор или нешто поголемо во начинот на кој размислуваме за македонскиот јазик?
Зборци: По „Зборотворба“ сакаме да ја менуваме формата на нашето дејствување во јавната сфера. Македонскиот јазик е во институционален слободен пад и сметаме дека веќе не е доволно само да го набљудуваме тоа од страна. Ќе бараме активно да бидеме вклучени во процесите што треба да течат, а денес стојат, и погласно да реагираме кога институционалната грижа за јазикот останува само на хартија.
Еден од тие процеси е примената на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик. Во јавноста веќе беа изнесени сериозни наводи од поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, за начинот на кој институционално се спроведува грижата за јазикот. За нас тоа е дополнителна причина „Зборци“ во следниот период да бидат поприсутни во јавната дискусија и да бараат овие прашања да добијат внимание, одговори и конкретно дејствување.
Паралелно со тоа, сакаме уште повеќе да создаваме. Градиме програма за работа со деца преку која зборообразувањето сакаме да го однесеме на што е можно повеќе места. Силно веруваме дека зборообразувачката способност е еден од најсилните адути на македонскиот јазик. Ако уште од мали ги охрабриме децата да го истражуваат јазикот, да го расклопуваат, повторно да го составуваат и слободно да создаваат со него, тогаш создаваме и поинаков однос кон јазикот – љубопитен, близок и творечки.
Планираме и караван низ Македонија. Сакаме да го истакнеме јазичното богатство што го носат различните краишта, говори и дијалекти и малку да ја дувнеме прашината од нашите прекрасни архаизми, од кои некои навистина се злато вредни. Имаме огромно јазично богатство кое заслужува повторно да биде слушнато, изговорено, запишано, а понекогаш и вратено во употреба.
А најсреќни, секако, би биле ако по сето ова некој од победничките зборови почне навистина да живее. Да го слушнеме во автобус, на факултет, во кафеана, во нечија порака или сосема случајно на улица. Тогаш кругот на „Зборотворба“ навистина би се затворил: збор што некој го смислил, друг го препознал, а потоа сите заедно сме го пуштиле да си најде место во јазикот.