Американската блокада го скрати иранскиот извоз на нафта на 260.000 барели

Поморската блокада и секундарните санкции го преполовија приливот на девизи, пазарот останува без гориво, а ријалот се сруши на 2,2 милиони за долар.

Американската блокада го скрати иранскиот извоз на нафта на околу 260.000 барели дневно, а официјален Техеран сè потешко се справува со економскиот притисок наметнат од Вашингтон, пренесува Ројтерс повикувајќи се на високи ирански извори. Шестмесечниот конфликт и прекинот на трговските канали преку Обединетите Арапски Емирати ја доведоа земјата во состојба на недостиг на девизи и гориво, со инфлација што достигна речиси 70 отсто.

Бројките на аналитичката компанија „Кплер“ покажуваат дека иранскиот извоз на сурова нафта падна од 1,7 милиони барели дневно на само 260.000 барели. Блокадата на поморските рути го сведе транспортот на минимални пратки преку Каспиското Езеро, железница и камиони.

Иако Иран поседува десетици милиони барели складирани во танкери надвор од зоната на блокадата, посредниците одбиваат да работат или бараат превисоки премии. Проширените американски секундарни санкции насочени кон странски финансиски субјекти ги направија параван-компаниите и шверцерските рути финансиски неодржливи.

Претседателот Масуд Пезешкијан потврди дека вкупната трговска размена на земјата бележи пад меѓу 25 и 35 отсто, при што најсилен удар трпи увозот на основни суровини и стока.

Трговскиот канал преку Обединетите Арапски Емирати е целосно затворен откако властите во Абу Даби на 19 август ги запреа сите комерцијални и финансиски трансакции со Техеран.

Трговците во Техеран се принудени да бараат алтернативни рути низ трети земји, што резултира со високи трошоци и доцнење на пратките. Иранската валута во меѓувреме изгуби повеќе од половина од вредноста во споредба со минатата година, достигнувајќи курс од 2,2 милиони ријали за еден американски долар.

Поради ограничените капацитети на домашните рафинерии, Иран зависи од увоз на гориво. Според извори од иранскиот државен врв, земјата во моментов има залихи на бензин за уште најмногу два месеца.

Просечната месечна плата во Иран изнесува околу 125 долари, додека официјалните трошоци за живот на едно семејство достигнуваат 450 долари. Просечната стапка на инфлација изнесува 69,9 отсто, а цените на храната и тутунот растат со двојно побрзо темпо.

Бројот на вработени лица за една година се намали за 450.000, додека официјалната стапка на невработеност се искачи на 9,1 отсто. Власта стравува од нови масовни социјални немири слични на протестите од јануари, додека Вашингтон отворено пресметува дека економскиот колапс може да предизвика внатрешен бунт.

„Секој ден сме сè посиромашни“, вели Махназ, 34-годишна вработена во приватниот сектор во Техеран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс