Света Софија ги пречека младите виртуози: Успешно заврши 17-то издание на летниот музички семинар во Охрид

Учесници од шест земји и првпат од Ерменија настапија на фестивалот „Охридско лето“ по десет дена интензивна работа со Емилио Перцан.

Меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика во Охрид заврши со концерт на учесниците во црквата „Света Софија“, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева, 11 млади музичари од Украина, Словенија, Перу, Србија, Македонија и Ерменија ги презентираа научените вештини и ги добија дипломите за учество на оваа летна школа.

Годинава на летната школа учествуваа млади музичари од шест земји, а за првпат беа присутни и учесници од Ерменија. Меѓу нив имаше и студенти на мастер студии кои дојдоа во Охрид со цел усовршување на изведувачките техники.

„Огромна инспирација е да се работи со младите. Воодушевувачки е колку тие можат да научат за десет дена колку што трае семинарот. Кај нас, најголем предизвик е приспособувањето. За само десет дена треба да се приспособиме едни на други, и да научиме нешто едни од други“, изјави Емилио Перцан.

Интернационалниот семинар постои од 2009 година. Првите три години се одржуваше во Истра, Хрватска, а од 2014 година, со поддршка на Министерството за култура и градот Охрид, континуирано се организира во Охрид. Досега низ оваа школа поминале над 150 ученици, студенти, педагози и професионални музичари од цела Европа.

Македонскиот виолинист Емилио Перцан има меѓународна кариера како изведувач и педагог. Тој е професор на Универзитетот за уметност во Грац и на Универзитетот „Калаидос“ во Цирих, а неговите студенти имаат освоено над 150 меѓународни награди. На семинарот соработува со пијанистката Тамила Гулијева, предавач на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс