Германската полиција успешно ја заврши заложничката драма во супермаркет во јужниот дел на Берлин, каде што вооружен маж со нож речиси 12 часа држеше жена како заложник. Специјалната полициска единица (СЕК) интервенирала во саботата наутро околу 9:20 часот, при што напаѓачот бил совладан, а жената безбедно ослободена.
Портпаролот на берлинската полиција, Флоријан Нат, соопшти дека операцијата завршила без човечки жртви.
Заложничката е во шок
Според полицијата, ослободената жена претрпела силен шок и веднаш добила лекарска помош. Засега нема информации за сериозни физички повреди. Напаѓачот бил пренесен во болница со полесни повреди. Според германските медиуми, при интервенцијата не било употребено огнено оружје, туку специјалците употребиле електрошок-уред (тејзер) за да го совладаат.
Инцидентот започнал во петокот околу 22 часот во супермаркет на германскиот синџир „Реве“ во населбата Мариенфелде, во берлинската општина Темпелхоф-Шенеберг. Според сведоштво на еден од вработените, сторителот извадил голем нож непосредно пред затворањето на продавницата и зел една од вработените како заложник.
„Таа едноставно беше на погрешно место во погрешно време“, изјавил негов колега за германските медиуми.
Голема полициска операција
Околу супермаркетот беше воспоставен широк безбедносен кордон, а на терен беа распоредени припадници на специјалните полициски сили, снајперисти, противпожарната служба и итната медицинска помош. Полицијата соопшти дека во ниту еден момент немало непосредна опасност за околните жители.
Мотивот на напаѓачот засега не е познат. За време на кризата тој изнесувал повеќе барања, но германските власти сè уште не соопштуваат детали, бидејќи истрагата е во тек.