Завршен историски мега-договор во Холивуд: Paramount и Warner Bros. Discovery се споија во Skydance

Акциите на комбинираната компанија – Skydance, веќе се котирани на њујоршката берза, а акциите на Paramount и Warner Bros. Discovery повеќе нема да се тргуваат

Долгоочекуваното спојување на „Парамаунт“ и „Ворнер Брос Дискавери“ официјално заврши во денеска, создавајќи нов голем играч во медиумската индустрија.

Акциите на комбинираната компанија – Skydance, веќе се котирани на њујоршката берза, а акциите на Paramount и Warner Bros. Discovery повеќе нема да се тргуваат.

Договорот става крај на едногодишната сага околу тоа кој ќе ги контролира двете филмски студија стари повеќе од еден век, како и нивните истакнати портфолија на телевизиски студија, стриминг услуги и мрежи, меѓу кои се HBO и CNN.

Вниманието сега ќе биде насочено кон сложените економски предизвици со кои се соочува новата компанија. Таа го започнува бизнисот со околу 80 милијарди долари долг и амбициозен план за трансформирање на традиционална медиумска компанија во претпријатие водено од технологија способно да се натпреварува со Netflix, Amazon и Disney.

Лари Елисон, милијардер и коосновач на „Оракл“, е еден од клучните финансиски поддржувачи на „Скајденс“. Неговиот син, Дејвид Елисон, актер кој станал продуцент, кој на само 43 години направи спектакуларен влез во корпоративната елита на Холивуд, ја води компанијата како претседател на одборот и извршен директор.

„Денес е историски ден, не само за Skydance, туку и за целата наша индустрија“, изјави Дејвид Елисон.

„Од самиот почеток, нашата амбиција беше да ги здружиме овие две славни студија и да создадеме посилен конкурент, со талент, ресурси и глобален дострел потребни за раскажување одлични приказни во секој жанр, на секоја платформа и за публиката ширум светот. Сега таа амбиција стана реалност“, додаде Елисон.

Тој им се заблагодари на „вработените, креативците и продуцентските тимови на двете компании“ , како и на публиката и инвеститорите.

„Нашиот фокус сега е насочен кон иднината: градење компанија која им дава моќ на креаторите, ја забавува публиката и испорачува вредност за акционерите. Не можеме да бидеме повозбудени за работата што претстои“, заклучи Елисон.

Џери Кардинале , член на одборот на директори на „Скајденс“ и еден од клучните финансиери преку неговата компанија „РедБирд Капитал“, оцени дека спојувањето е „пресвртница за индустријата“.

„Со примена на нашиот модел сопственик-оператор на неспоредливото портфолио на иконски франшизи, премиум оригинална програма и права за спортско емитување во сопственост на Paramount и WBD, можеме да го зачуваме тоа наследство, додека градиме компанија за медиумски пејзаж кој минува низ трансформативни промени “, рече Кардинале.

Можно нарушување на конкуренцијата

Спојувањето беше започнато пред околу една година, кога „Парамаунт“, кратко по интеграцијата со претходната верзија на „Скајденс“, даде непобарана понуда за преземање на „Ворнер Брос. Дискавери“.

Понудата беше постојано одбивана, а на одборот на директори на WBD му беа потребни повеќе од десет обиди за сериозно да го разгледа договорот. Во меѓувреме, понудата на Netflix да го купи само стриминг и студискиот дел од компанијата беше прифатена. Сепак, тој предлог на крајот беше отфрлен кога Paramount излезе со подобрена понуда за купување на целиот WBD.

Трансакцијата релативно лесно доби регулаторни одобренија, но наиде на голема пречка во јули кога државните обвинители во 12 држави поднесоа тужба со која бараат да го блокираат договорот поради потенцијални загрижености за антимонополските прекршувања.

Слична тужба поднесе и Здружението на писатели на Америка. Илјадници актери, писатели, продуценти и други членови на креативната заедница потпишаа петиција против спојувањето.

Се очекува темата да остане спорна, особено меѓу добро познатите противници на договорот, како што е Марко Рафаело, ѕвездата на серијата „Task“ на HBO.

е-Трн да боцка во твојот инбокс