Запознајте ги дебитантите на СП: Узбекистан, Белите Волци од Централна Азија

Узбекистан — нација со 38 милиони жители и богата спортска традиција е прв централноазиски тим во историјата кој се квалификуваше за Светско првенство

„Белите Волци” од Централна Азија конечно завиваат на Мундијалот. Узбекистан — нација со 38 милиони жители и богата спортска традиција е прв централноазиски тим во историјата кој се квалификуваше за Светско првенство, а исто така трета поранешна советска република по Русија и Украина.

Капитенот и рекордер по голови е Елдор Шомуродов — 43 гола во 88 настапи, играч на Рома и на позајмица во Истанбул Башакшехир.

Но вистинска ѕвезда е одбранбениот играч Абдукодир Хусанов, кого Манчестер Сити го купи за 44 милиони долари во јануари 2025 на само 21 година. Крилото Јалолидин Машарипов со 74 настапи е уште еден столб на екипата, а во средина на теренот се истакнуваат Ошод Уранов, Акмал Мозговој и Шерзод Есанов.

Селекторот е легендата Фабио Канаваро светски шампион со Италија на СП 2006, добитник на Златната топка истата година, еден од најдобрите одбранбени играчи во историјата на фудбалот. Именуван е специфично за да ги подготви „Белите Волци” за нивното историско деби.

Патот до СП 2026

Квалификацискиот пат на Узбекистан беше долг и исполнет со пречки, 16 натпревари во две рунди. Тимот прво го водеше Словенецот Сречко Катанец, кој поради здравствени причини мораше да се повлече на прагот на финалната фаза. Тимур Кападзе го наследи и ја довршуваше задачата квалификацијата дојде со реми 0:0 против ОАЕ во одлучувачкиот натпревар.

Во финалната азиска група завршија втори зад Иран со 6 победи, 3 ремија и само еден пораз во 10 натпревари. Прославата во Ташкент беше неверојатна. „Чекавме 34 години за овој момент”, рече претседателот на националната федерација Ирматов. „Можете да сфатите колку тоа значи за узбекистанскиот народ.”

По квалификациите, федерацијата се одлучи за смел потег и го ангажираше Канаваро, кој ја прифати улогата за да го предводи тимот на Мундијалот. Избрканиот Кападзе одби да остане како асистент и се врати во клупскиот фудбал.

Групата и противниците на СП 2026

Узбекистан е сместен во Група К заедно со Португалија, Колумбија и ДР Конго.

Натпревари:

  • 17 јуни — Узбекистан vs Колумбија, Естадио Ацтека, Мексико Сити
  • 23 јуни — Португалија vs Узбекистан, НРГ Стадиум, Хјустон
  • 27 јуни — ДР Конго vs Узбекистан, Мерцедес-Бенц Стадиум, Атланта

Дебитo на Мундијалот „Белите Волци” ќе го имаат на еден од најпознатите стадиони на светот легендарниот Естадио Ацтека во Мексико Сити против Колумбија. Потоа следи историски натпревар со Португалија на Кристијано Роналдо, кој во Хјустон го игра веројатно последниот Мундијал во кариерата. Третиот натпревар против ДР Конго кои исто така се дебитанти каде и е реалната шанса за поен или победа и можно историски пласман во елиминациската фаза.

Интересни факти за државата

Самарканд — прастара престолница на Патот на свилата. Еден од најстарите и најзначајните градови на светот, Самарканд е симбол на узбекистанската цивилизација. Регија каде се вкрстуваа трговски патишта меѓу Кина, Персија и Европа уште пред 2 500 години.

Најнаселена земја во Централна Азија. Со 38 милиони жители, Узбекистан е демографски гигант на регионот — поголем по население од Казахстан, Таџикистан и Киргистан заедно.

Само 35 години независност. Узбекистан ја прогласи независноста во 1991 година по распадот на СССР. Прв Мундијал го дочекува на 35-тата годишнина на самостојноста — симболика која не е пропуштена кај навивачите.

Прв узбекистански играч во Премиер лигата. Хусанов е историски — прв узбекистански фудбалер кој игра во Премиер лигата, купен за 44 милиони долари. На само 21 година, тој е и иконата на новата генерација узбекистански фудбал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс