Фискалниот совет предупредува дека државата сè повеќе се задолжува за тековна потрошувачка, наместо за инвестиции што треба да обезбедат економски развој.
Бројките покажуваат значителна промена на буџетските приоритети. Капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари, додека дефицитот останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП.
Тоа значи дека планираниот буџетски дефицит е за околу 100 милиони евра поголем од капиталните расходи.
Фискалниот совет, предводен од академик Абдулменаф Беџети, предупредува дека со ова се нарушува таканареченото „златно правило“ во јавните финансии, според кое задолжувањето треба првенствено да служи за инвестиции, а не за финансирање на тековните трошоци.
Помалку за инвестиции, повеќе за социјални трансфери
Додека средствата за капитални проекти се кратат, социјалните трансфери се зголемуваат за околу 3,7 милијарди денари, односно приближно 60 милиони евра.
Од дополнителните средства, 1,34 милијарди денари се наменети за пензии, 1,44 милијарди за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита.
Иако станува збор за расходи што ги покриваат потребите на граѓаните, Фискалниот совет предупредува дека буџетот ја менува структурата од развојна кон социјална.
Со други зборови, наместо првично најавеното зголемување на инвестициите, државата го задржува повисокиот дефицит, а поголем дел од средствата ги насочува кон тековни обврски.
За осум месеци искористени 82,5 отсто од годишниот дефицит
Дополнителна загриженост предизвикува динамиката на трошењето.
До крајот на август веќе бил остварен дефицит од 38,2 милијарди денари, што претставува 82,5 отсто од годишниот план.
За преостанатите четири месеци останувал простор од само 8,1 милијарда денари. Фискалниот совет предупредува дека без построга контрола на расходите постои ризик планираниот дефицит да биде надминат.
Истовремено, планираното бруто-задолжување се зголемува за околу 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари, иако самиот буџетски дефицит не се менува во однос на јули.
Долгот се приближува до законската граница
Според Фискалниот совет, јавниот долг на крајот на јуни изнесувал 58,8 отсто од БДП, само 1,2 процентни поени под законската граница од 60 отсто.
Дополнителен товар претставуваат и неизмирените доспеани обврски на јавниот сектор, кои надминуваат 700 милиони евра.
Од Министерството за финансии, пак, објаснуваат дека измените се неопходни поради променетите економски услови, намалените приходи од акцизи на горивата и побавната реализација на одредени капитални проекти. Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска уверува дека продолжуваат инфраструктурните инвестиции и поддршката за граѓаните.
Сепак, останува клучната дилема што ја отвора Фискалниот совет: ако повисокиот дефицит првично беше оправдуван со повеќе инвестиции, зошто сега инвестициите се кратат, а задолжувањето останува на истото ниво?
Одговорот е важен не само за овогодишниот буџет, туку и за тоа колкав товар ќе преземат идните генерации за денешната потрошувачка.
