Денеска, 23 октомври, уапсени се уште двајца припадници на навивачката група „Торцида“, едниот во Босна и Херцеговина, а другиот во Швајцарија. Претходно истиот ден беше уапсен уште еден осомничен во Хрватска.
Според хрватскиот портал „Индекс“, станува збор за 41-годишниот Лука Буздовачиќ, познат под прекарот Скен, кој бил уапсен во околината на Ливно, и 33-годишниот Иван Каран од Водице, кој бил пронајден и уапсен во Швајцарија.
Апсењата се поврзани со инцидентите од 15 октомври, кога дел од навивачите на Хајдук, за време на организираната поворка низ Сплит, извикувале нацистички и антисемитски пароли.
Меѓународна потрага по осомничените
Министерството за внатрешни работи на Кантон 10 во Босна и Херцеговина потврдило дека на нивна територија е уапсено лице поврзано со инцидентите во Сплит.
Според неофицијалните информации на „Слободна Далмација“, Буздовачиќ бил приведен од припадници на Државната агенција за истраги и заштита на БиХ (СИПА).
Се очекува да биде екстрадиран во Хрватска, каде што му е одреден истражен притвор.
Во исто време, швајцарската полиција го уапсила Иван Каран, кој престојувал во земјата поради работа.
За двајцата на 19 октомври бил одреден истражен притвор поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело.
Утрово, во Каштела, хрватската полиција го уапсила и Кажимир Алфиревиќ, кој исто така бил баран во рамките на истата истрага.
Еден од уапсените неодамна излегол од затвор
Посебно внимание во хрватските медиуми предизвика апсењето на Буздовачиќ, кој неодамна излегол од затвор по издржување шестгодишна казна.
Тој претходно бил осуден за учество во криминална организација поврзана со трговија со дрога, планирање убиство и напади со молотови коктели.
Според обвиненијата на хрватското обвинителство УСКОК, криминалната група во периодот од 2019 до мај 2020 година планирала убиство поради долг за дрога од 270.000 евра.
Групата била поврзувана и со планови за набавка и продажба на кокаин од Јужна Америка и други наркотични средства.
Во март 2024 година, Високиот кривичен суд во Хрватска ја потврдил шестгодишната затворска казна за Буздовачиќ.
Тој за време на судењето ги негирал обвиненијата.
Според „Слободна Далмација“, по излегувањето од затвор се занимавал со угостителство. Нему блиски лица тврдат дека не учествувал во извикувањето спорни пароли за време на навивачката поворка.
Нацистички пароли низ улиците на Сплит
Инцидентот се случил на 15 октомври, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс на стадионот „Пољуд“.
За време на организираното движење на навивачите низ Сплит, дел од присутните извикувале пароли со кои се величел Адолф Хитлер и се повикувало на насилство врз Евреите.
Меѓу скандирањата биле споменувани и Аушвиц и други симболи поврзани со нацистичките злосторства.
На чело на поворката се движел автомобил со ковчег на кој пишувало „Ајакс“, кој навивачите подоцна го искршиле.
Снимките од инцидентот предизвикале реакции во јавноста, а полицијата започнала истрага за јавно поттикнување насилство и омраза.
Под истрага најмалку 23 лица
До 19 октомври хрватската полиција утврдила основи на сомнение против вкупно 23 лица, а истрагата продолжила и во следните денови.
Според хрватското законодавство, за јавно поттикнување насилство и омраза е предвидена затворска казна до три години.
За организаторите или водачите на група што извршува вакво кривично дело, казната може да изнесува од шест месеци до пет години затвор.
Случајот повторно го отвори прашањето за присуството на екстремистички и неонацистички пораки на фудбалските трибини, но и за одговорноста на организаторите на навивачките собири.
Истрагата продолжува, а надлежните институции треба да утврдат индивидуална одговорност за секој од осомничените.
