26 случаи, два починати и епидемија: Скопје повторно се прска против комарци, но дали тоа го запира Западен Нил?

Каде се размножуваат комарците во Скопје, каква е разликата меѓу ларвицидна и терестрична дезинсекција, и дали авионското прскање реално функционира.

Во Македонија годинава се регистрирани 38 случаи на западнонилска треска, од кои 36 се потврдени, а два се водат како веројатни. Според најновиот неделен епидемиолошки извештај на Институтот за јавно здравје, дури 37 од заболените се од Скопје, а еден случај е регистриран во Велес.

Во периодот од 12 до 18 август биле пријавени 12 нови случаи, а регистрирани се и три нови смртни исходи. Вкупниот број починати од западнонилска треска во 2026 година достигна четири. Станува збор за мажи на возраст од 62 до 83 години, сите од Скопје. Кај тројца од починатите биле регистрирани и други придружни заболувања.

Од вкупно 38 случаи, 28 се мажи, а 10 жени. Најголемиот дел од заболените се лица над 60 години – дури 33, додека четворица се на возраст од 50 до 59 години, а еден е на возраст од 20 до 29 години. Просечната возраст на заболените е 67,3 години. Според ИЈЗ, 37 случаи се автохтони, додека еден пациент имал историја на патување во Грција, но периодот на инкубација опфаќал и престој во Македонија. Најголем број заболени, односно 24 лица, ги почувствувале првите симптоми во јули. Кај 11 лица симптомите започнале во август, кај двајца во јуни, а првиот регистриран случај годинава имал почеток на симптомите на 12 мај.

ИЈЗ констатира дека бројот на случаи значително се зголемил во текот на јули и почетокот на август, со изразена концентрација во Скопскиот регион. Најголем број случаи се регистрирани во Кисела Вода, особено во Драчево, како и во Гази Баба, каде што има поголема концентрација во руралните средини. На 11 август, Центарот за јавно здравје Скопје пријавил епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Од ИЈЗ оценуваат дека временската и просторната концентрација на случаите укажуваат на активна локална циркулација на вирусот.

Во услови на зголемен број случаи, денеска во Скопје продолжува теренската дезинсекција против комарци, како дел од фазата што се спроведува од 19 до 22 август, во вечерните и раните утрински часови. Но, прскањето на возрасните комарци е само еден дел од борбата. Клучното прашање е што се случува со ларвите и местата каде што комарците се размножуваат.

Од првиот случај до епидемија

Западно-нилската треска не е ново заболување во Македонија. Првиот случај во земјава е регистриран во 2011 година, а до крајот на 2025 година биле потврдени вкупно 54 случаи и пет смртни исходи поврзани со болеста. Сепак, динамиката во 2026 година е значително поинаква.

Заклучно со 11 август, ИЈЗ регистрирал 26 случаи. Дури 13 нови случаи биле откриени само во неделата пред 11 август, а сите имале невроинвазивна форма на заболувањето и биле хоспитализирани. На 14 август следел и вториот смртен исход. 72-годишниот пациент бил примен во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија и менингоенцефалитис. Во тој момент на Инфективната клиника биле хоспитализирани 24 пациенти, од кои кај 19 била лабораториски потврдена инфекција со вирусот Западен Нил, додека пет биле суспектни. Седум пациенти биле во потешка состојба, а пет биле на механичка вентилација.

Каде е жариштето?

Најголемиот дел од случаите се концентрирани во Скопје. Поради зголемениот број случаи, епидемија е прогласена во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во повеќе населени места во нивната околина.

Тоа е важен податок бидејќи случаите главно се сметаат за автохтони односно инфекцијата најверојатно е стекната во земјава, а не донесена од патување во странство. Кај едно лице имало историја на патување во Грција, но инкубацискиот период не овозможил целосно исклучување на инфекција стекната во Македонија.

Не секој комарец го пренесува вирусот

Западно-нилскиот вирус најчесто се одржува во природата преку циклусот комарец–птица–комарец. Комарците од родот Culex се меѓу главните преносители. Тие го добиваат вирусот кога се хранат со заразени птици, а потоа можат да го пренесат на човек или коњ. Човекот, за разлика од птиците, не е клучен домаќин во овој циклус. Тој најчесто се инфицира случајно, преку убод од заразен комарец.

И тука се појавува првиот проблем со едноставната логика „ќе ги испрскаме комарците и проблемот ќе исчезне“.

Каде реално се размножуваат комарците?

Комарците не мора да се размножуваат во големи водни површини. За нив може да биде доволна и мала количина стоечка вода. Отворени садови, стари гуми, саксии, канти, запуштени канали и други места во кои по дожд останува вода можат да станат микро-жаришта.

Токму затоа контролата на комарците не се сведува само на прскање по улиците. Потребно е да се откријат и третираат местата каде што се развиваат ларвите.

Две различни стратегии: да се убие комарецот или да не се роди

Во Скопје се применуваат два основни типа дезинсекција.

Ларвицидната дезинсекција е насочена кон ларвите и се спроведува на местата каде што комарците се размножуваат. Идејата е едноставна: да се прекине циклусот пред ларвата да стане возрасен комарец.

Адултицидната дезинсекција, пак, е насочена кон веќе возрасните комарци. Таа може да го намали нивниот број во моментот на третманот, но не го елиминира изворот од кој следниот ден или по неколку дена можат да се појават нови комарци.

Затоа овие две мерки не се конкуренти, туку треба да функционираат заедно.

Денес повторно се прска

Град Скопје спроведува терестрична дезинсекција против возрасни и ларви на комарци. Според најавата, третманот против возрасни форми се спроведува од 20 до 22 август, во вечерните и раните утрински часови, од 22 до 03 часот. Тоа значи дека денешното прскање не е изолиран потег. Градот и претходно годинава спроведуваше повеќе фази на ларвицидна и адултицидна дезинсекција, а по прогласувањето на епидемијата се преземаат и вонредни мерки.

Дополнително, во местата каде што се појавиле случаи се спроведуваат третмани околу живеалиштата на заболените. Министерот за здравство Сашо Клековски во август изјави дека околу живеалиштата на заболените биле спроведени вонредни прскања.

Но, дали прскањето навистина го решава проблемот?

Да – но само делумно. Контактното прскање против возрасни комарци може реално да ја намали нивната бројност во моментот кога се врши третманот. Но тоа не значи дека областа останува без комарци. Ако во близина има стоечка вода во која продолжува развојот на ларви, нови возрасни комарци повторно ќе се појават. Затоа ларвицидната контрола е особено важна: таа се обидува да го прекине циклусот уште пред да се појави возрасниот инсект.

Проблемот е што невозможно е само со градски возила да се опфатат сите мали извори на стоечка вода. Дел од нив се на приватни имоти, во дворови, на тераси или во запуштени садови. Токму тука превенцијата станува и одговорност на граѓаните.

Од каде доаѓа ризикот?

Случаите во Македонија покажуваат и уште еден важен образец. Најголем дел од заболените се повозрасни лица, а според здравствените власти, дел од нив биле активни во земјоделски и градинарски работи во периодите кога комарците се најактивни во приквечерните и раните утрински часови. Тоа не значи дека другите граѓани се надвор од ризик. Но покажува дека должината и интензитетот на изложеноста на комарци се важен фактор.

А што се случува со пчелите?

Секоја дезинсекција отвора и дополнително прашање: што се случува со другите инсекти? Препаратите кои се користат за контрола на комарците можат да бидат штетни и за пчелите и други опрашувачи доколку дојдат во директен контакт со нив. Затоа надлежните редовно ги предупредуваат пчеларите навреме да преземат мерки за заштита на пчелните семејства.

Ова е уште една причина поради која дезинсекцијата мора да биде насочена и временски и просторно, а не само масовно прскање.

Македонија годинава е меѓу земјите со најмногу случаи во Европа

Според европските податоци, до 5 август во Европа биле регистрирани 245 локално стекнати случаи на западно-нилска инфекција во седум земји. Најмногу имало во Италија – 139, Грција – 65, Шпанија – 17, а Македонија имала 13 локално стекнати случаи во европскиот систем на надзор до тој датум.

Но, домашните податоци продолжиле да растат и по тој пресек и тоа покажува колку брзо се променила епидемиолошката слика за само неколку недели.

Не е само прашањето „дали прскаат“

Прашањето дали Скопје прска против комарци е, всушност, само еден дел од многу поголема слика. За контрола на западно-нилската треска потребни се континуиран мониторинг на комарците, откривање на вирусот во векторите, ларвицидна контрола на местата за размножување, адултицидни третмани кога има потреба и отстранување на стоечката вода. Државната програма за 2026 година предвидува и мониторинг на комарците како вектори на вирусот, со поставување мамки во периодот од јуни до септември.

И токму тука е суштината: прскањето може да го намали бројот на комарци, но не може само по себе да го исклучи ризикот од Западен Нил. Додека има заразени птици, комарци што го носат вирусот и услови за нивно размножување, ризикот останува. А годинава бројките покажуваат дека тој ризик во Скопје веќе не е само теоретски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс