Институтот за јавно здравје заклучно со 15 септември евидентираше вкупно 65 случаи на западнонилска треска во Македонија, од кои 60 се лабораториски потврдени, а пет се водат како веројатни. Податоците од последниот официјален извештај покажуваат забрзано ширење на заразата во текот на јули и август, со силна концентрација во главниот град каде што живеат дури 60 од регистрираните пациенти.
Скопскиот регион останува главно епидемиолошко жариште во државата. Најголема концентрација на пријавени случаи има во општина Кисела Вода, со посебен фокус на населеното место Драчево, како и на подрачјето на општина Гази Баба.
Надвор од главниот град, вирусот е потврден кај уште пет лица: два случаи се регистрирани во Велес, додека по еден заразен пациент евидентираа здравствените служби во Куманово, Свети Николе и Кавадарци. Епидемиолошката истрага утврди дека 64 случаи се автохтони, што значи дека инфекцијата настанала на домашна територија, додека само едно лице имало историја на патување во Грција во рамки на инкубацискиот период.
Статистиката на ИЈЗ покажува значајна демографска диспропорција меѓу инфицираните. Од вкупниот број евидентирани, 51 пациент или 78,5 отсто се мажи, додека 14 лица, односно 21,5 отсто, се жени.
Клиничката слика кај огромното мнозинство од пријавените развила тешка форма на болеста. Вкупно 63 лица развиле невроинвазивна форма и веднаш биле задржани на болничко лекување: 61 пациент на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а по еден во приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“. Кај осум пациенти со невроинвазивна форма на болеста настапи смртен исход.
Бидејќи циркулацијата и географското ширење на овој вирус не можат однапред да се предвидат, здравствените власти апелираат на строго почитување на мерките за лична заштита од убоди во текот на целата сезона на активност на инсектите.
„Епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програми за контрола на комарци и мерките за лична заштита од каснувања од комарци се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западнонилската треска“, посочува Институтот за јавно здравје во извештајот.
Град Скопје информираше дека во периодот од 16 до 19 септември спроведува терестична дезинсекција против возрасни форми на комарци. Како што информираа, прскањето ќе се одвива од 22 часот навечер до 3 часот по полноќ, доколку дозволуваат временските услови.