Град Скопје информира дека во периодот од 16 до 19 септември ќе се спроведе терестична дезинсекција против возрасни форми на комарци.
Како што информираат, прскањето ќе се одвива од 22 часот навечер до 3 часот по полноќ, доколку дозволуваат временските услови.
Од Град Скопје информираат дека доколку временските услови не дозволуваат спроведување на дезинсекција, прскањето ќе се врши во истиот термин првиот нареден ден со поволни временски услови.
Властите упатија и порака до пчеларите, навреме да ги преземат потребните мерки и активности за заштита на пчелите.
Оваа сезона во Скопје осум лица починаа од западнонилска треска, вирус кој го шират домашните комарци, а регистрирани се скоро 60 случаи. Сите осум починати пациенти се од машки пол и се постари од 60 години, сите се од Скопје, а седум од нив имале и други придружни заболувања. Инфектолозите предупредуваат дека кај пациентите со невролошки симптоми опоравувањето може да трае со месеци, поради што Министерството за здравство веќе ги алармирало надлежните институции за следење на пациентите кои ја прележале потешката форма на болеста.
Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец. Според Светската здравствена организација, тешка форма на болеста, со невролошки компликации, се развива кај приближно еден од 150 заразени. СЗО посочува дека повисоките температури и подолгите лета им овозможуваат на комарците подолг период и поголем простор за ширење на вирусот низ Европа.