Замина еден од последните вистински бунтовници на ју-рокот

Роден во Винковци во 1965 година, кон крајот на 1984 година ја основа групата „Мајке“, која со албумот „Razum i bezumlje“ го привлече вниманието на рок-публиката.

Хрватската и регионалната музичка сцена останаа без еден од своите најавтентични рокери. Горан Баре, легендарниот фронтмен на групата „Мајке“, почина на 61-годишна возраст, оставајќи зад себе песни што одбележаа генерации.

Веста за неговата смрт ја потврдија членовите на бендот, кои во петокот го пронашле во неговиот стан, објави Хрватската радио-телевизија.

Баре беше многу повеќе од рок-пејач. Со својот рапав глас, бескомпромисни ставови и стихови исполнети со болка, бунт и искреност, стана симбол на една музичка епоха.

Роден во Винковци во 1965 година, кон крајот на 1984 година ја основа групата „Мајке“, која со албумот „Razum i bezumlje“ го привлече вниманието на рок-публиката. Следуваа успешни изданија и песни како „Vrijeme je da se krene“, „Mene ne zanima“, „Budi ponosan“, „Put ka sreći“ и „Teške boje“.

Албумот „Teške boje“ од 2011 година освои шест награди „Порин“, потврдувајќи го неговото значајно место во хрватската музика.

Неговиот живот беше исполнет со лични борби, падови и враќања на сцената, но музиката остана неговото најсилно прибежиште.

„Музиката ми е сè уште од раната младост. Мислам дека ми помогна да опстанам во животот и да станам некој и нешто“, имаше изјавено Баре.

Со неговата смрт заминува еден од највпечатливите гласови на регионалниот рок, музичар кој никогаш не се обидуваше да биде совршен, туку вистински.

е-Трн да боцка во твојот инбокс