НаТочак алармира: Новиот БРТ систем ќе го згасне проектот Скопје Велоград

Активистите предупредуваат дека со стеснување на патеките и туркање меѓу пешаците се урива деценискиот труд за одржлив транспорт во главниот град

Иницијативата НаТочак предупреди дека со најавените решенија за брзиот автобуски превоз (БРТ) во Скопје постои реален ризик од намалување и деградација на пешачкиот и велосипедскиот простор. Според активистите, по 12 години развој на мрежата од 143,7 километри велосипедска инфраструктура, новите проекти не смеат да се реализираат преку одземање на патеките и спојување на точаците со пешаците, туку исклучиво на сметка на моторниот сообраќај.

Спроведувањето на иницијативата Скопје Велоград започна во 2014 година, првично со реконструкција на постојните патеки градени во седумдесеттите и осумдесеттите години. Низ мандатите на двајца градоначалници од различни политички опции во периодот од 2014 до 2021 година, мрежата етапно се прошируваше преку нови булевари и со стеснување на автомобилските коловози. Градската мрежа достигна вкупно 143,7 километри, а во 2019 година Советот на Град Скопје усвои и План за унапредување на велосипедскиот сообраќај, со јасна цел учеството на точаците да порасне од 1,4 на 5 проценти во вкупниот сообраќај.

Активистите потсетуваат на превртената сообраќајна пирамида, според која пешачкиот и велосипедскиот сообраќај се директна поддршка на јавниот превоз, а не негова споредна инфраструктура. Булеварите низ кои е планирана трасата за БРТ се истовремено најфреквентните пешачки правци и велосипедски коридори во градот. Доколку граѓаните немаат безбеден пристап пеш или на две тркала до новите станици, целиот систем на јавен превоз ќе ја изгуби ефикасноста. Затоа, новиот автобуски систем мора да се развива исклучиво со одземање на дел од коловозните ленти за автомобили, а никако со деградација на веќе освоениот пешачки и велосипедски простор.

Сегашните капацитети во утринските часови се преполни, а возачите на точаци и електрични тротинети веќе тешко се разминуваат и претекнуваат на постојните делници. Активистите посочуваат дека најголема грешка би било велосипедистите да бидат префрлени од другата страна на зеленилото, директно на тротоарите меѓу пешаците. Ваквото решение ќе создаде конфликтни точки, ќе ја загрози безбедноста и ќе претставува директно уназадување на урбаната мобилност изградена во изминатите 12 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс