Закани со бомби во Скопје, Сараево и Будва: Балканот повторно мета на хибридни напади

Лажни дојави испратени по електронска пошта во неколку последователни дена предизвикаа евакуации во четири балкански града, во образец кој безбедносните експерти го препознаваат уште од 2022 година.

На 16 и 17 април 2026 година, трговски центри и училишта во Загреб, Сараево, Подгорица и Будва беа евакуирани по лажни дојави за поставени бомби, испратени преку електронска пошта. Денес истиот образец се повтори во Скопје, каде закани добија „Ист Гејт” и „Дајмонд Мол”. Сите дојави беа лажни, но безбедносните експерти предупредуваат дека нивната координираност и методот на испраќање преку анонимна електронска пошта упатуваат на организирана хибридна закана насочена кон дестабилизација на Балканот, како акција од трети земји.

Два дена, четири града, ист метод

Во Сараево, случајот беше особено конкретен. Saraevo City Center и Алта, двата најголеми трговски центри во градот и во непосредна близина на седиштето на државниот парламент и Советот на министри на Босна и Херцеговина, беа евакуирани во утринските часови откако полицијата добила пријави за поставени експлозивни направи. Во заканата упатена по електронска пошта до полицијата и до дел од медиумите, анонимните испраќачи тврделе дека во едниот центар е поставен еден килограм, а во другиот два килограми експлозив со далечински управуван детонатор.

На списокот се најдоа и Арена Центар, Авенју Мол и Сити Центар Уан Ист во Загреб, образовните установи во Сараево, училиштата и институциите во Зеница, трговскиот центар Биг Фешн во Подгорица, ТК Плаза во Будва и неколку училишта во Никшиќ.

Хибриден напад: страв, исцрпување, дестабилизација

Безбедносните експерти овие дојави ги оценуваат како дел од координирана хибридна активност насочена кон дестабилизација. Хибридните напади користат неконвенционални методи за да ја подријат довербата во државните институции, создаваат постојана несигурност, а полицијата и специјалните служби се принудени да ги трошат капацитетите на бескрајни проверки.

Методот не е нов. Според случаите во Македонија од февруари 2025 година, надлежните институции донесоа заклучок дека дојавите биле испратени од привремени мејл-адреси кои биле избришани по само еден час, поврзувајќи го случајот со слични дојави во Хрватска и Унгарија. Најчест канал е анонимна електронска пошта преку сервери лоцирани надвор од јурисдикцијата на локалните обвинителства, што го потврди и истрагата по дојавите во хрватските училишта во истиот период, кога серверот беше лоциран во Африка, а во истрагата беа вклучени експерти по кибербезбедност и Европол.

Балканот не е единствен регион кој се соочил со ваков образец. Слични координирани бранови на лажни дојави претходно беа регистрирани во Полска, балтичките земји и Финска, секогаш во периоди на зголемена геополитичка напнатост со Русија.

Македонија и Србија беа прво на удар

Оваа ситуација многу потсетува на онаа од 2025 година кога цел на вакви напади беа Македонија и Србија. Во февруари и март минатата година речиси секој ден имаше дојави за поставени бомби во основни и средни училишта во десетици градови.

Премиерот тогаш беше директен. „Сите без исклучок се лажни дојави. Тоа се тие хибридни напади кои ќе се случуваат, не се нешто неочекувано. Ваков тип на напади имаше и во Хрватска, претходно во институциите во Унгарија”.

Кој стои зад нападите и зошто

Претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани смета дека иницијалната каписла за хибридните напади е осудата од земјите од регионот на руската агресија врз Украина. Аналитичарите тврдат дека зад хибридната и софистицирана кампања стои добро организиран центар кој со ширење страв работи на дестабилизација на државите кои имаат интерес да се интегрираат во ЕУ.

Ниту во еден случај извршителите не беа лоцирани и санкционирани. Имено, софистицираните методи за прикривање на дигиталниот идентитет, вклучително употребата на привремени мејл-адреси и анонимни сервери, досега оневозможуваат конкретна атрибуција.

Денес повторно Скопје

На 19 април 2026 година, истиот образец се повтори и во Македонија. Лажни дојави за поставени бомби беа пријавени во трговските центри „Ист Гејт” и „Дајмонд Мол” во Скопје. Полицијата беше испратена на терен и по темелна проверка ја потврди лажноста на заканите. Во контекст на серијата регионални инциденти, македонските институции повторно се наоѓаат во ситуација на реагирање без можност за превенција.

Регионот чека: дали е ова само нов почеток

Засега останува отворено прашањето дали станува збор за еднократна акција или за почеток на нов координиран бран. Искуството од 2022 и 2025 година покажа дека ваквите инциденти ретко застануваат сами од себе: започнуваат со неколку изолирани дојави, а потоа прераснуваат во синхронизиран ланчан систем кој со недели ги исцрпува полициските капацитети и го вознемирува јавноста.

Аналитичарите предупредуваат дека целта не е само моменталната паника, туку создавање на постојано чувство на несигурност кај граѓаните на земјите кои имаат интерес да се интегрираат во ЕУ. Доколку дојавите продолжат во наредните денови, прашањето за нивното потекло повторно ќе стане приоритет за регионалните безбедносни служби, кои досега ниту во еден случај не успеаја да го лоцираат и санкционираат изворот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни