Град Скопје најави дека зградата на Централната Пошта,ќе биде реконструирана од пожарот кој ја зафати во 2013 година и пренаменета во Младински културен хаб за потребите на „Скопје-Европска престолнина на културата“.
Овој зафат се смета за еден од најзначајните, особено ако се има предвид дека зградата на Централната пошта во 2021 година беше вклучена меѓу седумте најзагрозени споменици во Европа, на листата што ја составуваат „Европа Ностра“ и Европската инвестициска банка.
Тогаш од „Европа Ностра“ оценија дека станува збор за објект од исклучително културно значење и силен симбол на обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес, но и дека, по штетите што ги претрпе, му е потребна нова обнова за повторно да го добие своето место во градот.
„Настани ќе има и во Поштата, еден од најкапиталните објекти во Град Скопје, кој ќе остане симбол за град – престолнина на културата. Во постапка сме со Владата да ја преземеме ние, да бидеме оние коишто ќе владеат со истата и ќе биде претворена во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата. Туризмот ќе се зголеми, ќе имаме што повеќе посетители“, изјави Ѓорѓиевски.
Комплексот на Пошта на Македонија, сместен на кејот на Вардар во централното градско подрачје, важи за едно од значајните архитектонски остварувања на македонскиот и југословенски архитект Јанко Константинов. По големиот пожар во 2013 година, објектот претрпе сериозни оштетувања, при што целосно беа уништени оригиналната облога на куполата, фреските на Борко Лазески, како и внатрешната опрема и осветлувањето.
Паралелно со овој проект, градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата“ опфаќаат и други значајни локации низ градот. Меѓу нив се реконструкцијата на скопското Кале, каде што според најавите ќе се одвива голем дел од програмските содржини, како и активности за уредување и обновување на делови од Старата скопска чаршија и на Аквадуктот, за кој е предвидено да биде приспособен во летна сцена.
Во рамки на европската поддршка за ваквите загрозени споменици, тогаш беше соопштено дека секој објект од листата ќе добие грант од по 10.000 евра за активности насочени кон негово зачувување. Сепак, за Централната пошта таа помош не значеше посуштинска реставрација, туку повеќе претставуваше јасен сигнал од Европа дека овој препознатлив, но оштетен објект не смее да биде оставен да исчезне од колективната меморија на градот.
Извор: Слободен Печат