Македонското еколошко друштво соопшти дека пред десетина дена, во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, успеале да фатат рисица, која подоцна била обележана со околувратник за радиотелеметрија. По повод празникот Благовец, таа го добила името Благица.
Станува збор за здрава единка стара околу 4 до 5 години, со тежина од 17 килограми. На терен присуствувал и ветеринар од Ветеринарниот факултет во Скопје, кој ја проверил нејзината здравствена состојба и земал примероци за дополнителни анализи.
По обележувањето, Благица се следи преку радиотелеметрија, при што е забележано дека се движи на планините Баба Сач и Илинска-Плакенска. Ова е првпат рис да се следи со оваа метода на овие планини, што претставува значаен напредок за истражувањето на видот.
Во меѓувреме, потврдено е дека рисица успешно лови, откако бил пронајден нејзин плен – срна, што укажува дека добро се адаптирала по интервенцијата.
Еколозите велат дека следењето на женките е особено важно, бидејќи токму тие се клучни за опстанокот на видот. Сега вниманието е насочено кон можноста Благица да има младенчиња, што би било значаен сигнал за закрепнување на популацијата на рисот во земјава.