По 500 години откриено што се криело позади цртежите на Леонардо Да Винчи за срцето

Научниците конечно ја разјаснија функцијата на сложените структури во човечкото срце што Леонардо да Винчи ги нацртал пред половина милениум, покажувајќи дека неговите идеи биле далеку пред своето време.

Речиси 500 години откако Леонардо да Винчи ги скицирал сложените мускулни структури во срцето, научниците денес конечно разбираат каква улога имаат тие. Станува збор за т.н. трабекули – разгранета мрежа од мускулни влакна што ја обложуваат внатрешноста на срцето.

Новото истражување комбинира генетика, магнетна резонанца и фрактална анализа за да ја испита оваа структура кај илјадници луѓе. Резултатите покажуваат дека начинот на кој се распоредени трабекулите има директно влијание врз работата на срцето, но и врз ризикот од срцеви заболувања.

Да Винчи уште во 15 век забележал дека овие структури имаат разгранета форма слична на корени или мрежа. Тој претпоставил дека тие помагаат во циркулацијата на крвта и ја одржуваат топлината во срцето – идеја што денес добива научна потврда.

Современите научници откриле дека трабекулите не се само остаток од развојот на срцето во ембрионалната фаза, туку имаат важна улога и кај возрасните. Со анализа на геномот и срцевите снимки, идентификувани се и гени што влијаат на нивната структура и функција.

Истражувањето покажува дека одредени форми на оваа мрежа може да бидат поврзани со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања, што отвора нови можности за разбирање на срцевите болести.

Научниците велат дека ова е само почеток. Комбинацијата од биоинженерство, клинички истражувања и генетика ќе овозможи уште подлабоко разбирање на срцето – орган што и по векови истражување сè уште крие многу тајни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни