Макрон бара строги правила за AI заради заштита на децата

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека вештачката интелигенција треба да се забрани секаде каде што претставува ризик за менталното здравје на децата. Изјавата доаѓа во момент кога Франција подготвува повелба за заштита на граѓаните од заканите на вештачката интелигенција, која ќе ја поддржат и големите технолошки компании.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во понеделникот дека вештачката интелигенција треба да се забрани секаде каде што претставува ризик за менталното здравје на децата. Макрон, кој се залага и за забрана на одредени социјални мрежи за децата помлади од 15 години во Франција, смета дека секоја употреба на вештачката интелигенција што може да им наштети на децата мора да биде забранета.

Изјавата ја даде во интервју за француски дневен весник, во пресрет на усвојувањето на повелба за оваа тема на Парискиот мировен форум. Според него, тоа што станува збор за вештачка интелигенција не значи дека таа област треба да биде див запад без правила. Вештачката интелигенција, смета тој, треба да се забрани кога им се заканува на менталното здравје на децата или на развојот на нивниот мозок.

Комитет од експерти во вторникот треба да му достави препораки за заштита од вештачката интелигенција. Ова е област што е многу помалку истражена од влијанието на социјалните мрежи, иако алатките со вештачка интелигенција сè побрзо влегуваат во секојдневието на децата и младите.

Потоа истражувачките лаборатории ќе се обврзат, преку повелбата, на неколку мерки, меѓу кои независно оценување на системите за генеративна вештачка интелигенција што се пуштаат на пазарот, како и пристап до податоците на нивните модели. Според канцеларијата на Макрон, повелбата треба да придонесе за националните и европските законодавни дебати, а ќе ги обедини и американските гиганти OpenAI и Anthropic.

Макрон истакна дека компаниите ќе го прифатат принципот на претходна ревизија и сертификација, односно моделите ќе бидат проверени пред да стигнат до децата. Тој најави дека Франција ќе ја унапредува европската регулатива и ќе ги поттикнува САД, Канада и другите земји да ја следат истата насока, со што, според него, се поставуваат почетоците на регулативата за најнапредните модели на вештачка интелигенција.

Целта, според францускиот претседател, е да се создаде рамка што ќе ги земе предвид опасностите од три категории: заштитата на децата, демократската безбедност и големите прашања на националната безбедност.

Макрон преку видеоконференција собра и околу 50 шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации, компании, истражувачи и лаборатории, за да разговараат за ризиците што вештачката интелигенција ги носи за колективната безбедност. Во разговорите учествуваа премиерите на Велика Британија, Канада, Норвешка, Холандија и Јапонија, како и извршните директори на OpenAI, Anthropic, Mistral и Microsoft. По средбата, Макрон порача дека дијагнозата е заедничка и дека сите мора да дејствуваат заедно.

Најавата доаѓа во време кога пристапите кон регулирањето на вештачката интелигенција сè повеќе се разликуваат, особено меѓу САД, Европската унија и Кина. Европа, со својот Закон за вештачка интелигенција, досега ги постави најстрогите правила, додека САД повеќе се потпираат на саморегулацијата на компаниите.


ЕУ во петокот во Даблин ќе го одржи првиот самит на националните министри задолжени за вештачка интелигенција, во рамките на ирското претседавање со Унијата. Таму се очекува владите да се договорат за нов пристап кон регулирањето на вештачката интелигенција, кој ќе го поттикне и бавниот економски раст на Унијата. Лидерите ќе ги разгледаат и постојните заштитни механизми, како Законот за вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс