Зошто Трамп попушти за руската нафта токму сега?

Додека тензиите околу Ормускиот теснец го тресат енергетскиот пазар, Вашингтон балансира меѓу санкциите кон Москва и стравот од нов ценовен шок.

Одлуката на Доналд Трамп да дозволи ограничено купување руска нафта не значи укинување на санкциите, туку привремено олеснување во момент кога војната со Иран и тензиите околу Ормускиот теснец повторно го туркаат светскиот енергетски пазар кон нов шок. Американското Министерство за финансии ја продолжи дозволата до 16 мај 2026 година, а потегот веднаш отвори прашање: дали Вашингтон ја брани санкциската политика, или ја жртвува за да спречи нов ценовен удар?

Според светските медиуми, станува збор за временски ограничена дозвола што важи за руска сурова нафта и деривати кои веќе биле натоварени на бродови до 17 април. Мерката не е целосно укинување на санкциите, туку обид да се ублажи притисокот врз глобалното снабдување со енергенси во момент кога конфликтот со Иран ја зголеми нервозата на пазарите.

Токму тука лежи и причината зошто Трамп ја отвори оваа врата. Администрацијата е под силен притисок од земји, особено во Азија, кои зависат од увоз на енергенси и стравуваат од нов скок на цените. Reuters наведува дека целта била да се спречи дополнителен раст на глобалните цени на нафтата и нов инфлаторен бран што би се прелеал далеку надвор од Блискиот Исток.

Но одлуката има и втора, многу почувствителна страна. Додека пазарот краткорочно добива олеснување, Русија добива простор да продолжи да заработува од извозот на енергенси. Reuters објави дека продолжената дозвола може да опфати до 200 милиони барели руска нафта, што веднаш предизвика критики дека овој потег фактички ѝ дава дополнителен финансиски кислород на Москва додека Западот формално тврди дека сака да ја ослабне поради војната во Украина.

Контроверзата е уште поголема затоа што само неколку дена претходно министерот за финансии Скот Бесент јавно тврдеше дека продолжување нема да има. AP нагласува дека администрацијата не понудила јасно објаснување за овој нагол пресврт, што ја засили критиката за недоследност во американската политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни