Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски освои второ место во генералниот пласман на 39. Белградски маратон, откако низ целта мина со извонредно време од 2:09:35 и уште еднаш потврди дека е меѓу најдобрите маратонци во регионот.
Ивановски до второто место стигна во силна меѓународна конкуренција, а пред него заврши само Етиопјанецот Гудета Гада Гемсиса, кој победи со нов рекорд на патеката од 2:09:11. Третото место му припадна на Кениецот Јохана Ерот, кој маратонот го заврши за 2:09:55.
Овој резултат претставува уште еден голем успех за најдобриот македонски маратонец, кој и претходно бележеше силни настапи на големи трки, а сега повторно покажа дека може да се носи и со елитни имиња на регионалната и меѓународната сцена. Неговото време од 2:09:35 беше доволно за сензационално второ место на трка што годинава собра 2.350 учесници во главната маратонска трка и вкупно околу 14.500 натпреварувачи од 79 земји.
Успехот на Ивановски беше поздравен и од Skopje Marathon, од каде порачаа дека овој резултат е уште една потврда за неговата посветеност, сила и шампионски дух. Со настапот во Белград, Ивановски испрати силна порака дека македонската атлетика и натаму има свои големи адути на маратонските патеки.