Најкритичните болнички оддели остануваат без медицински сестри

Телевизија 24 пренесува дека болничките одделенија каде се води најтешката битка за живот се соочуваат со сериозен недостиг од медицински сестри, а особено загрижувачка е состојбата во интензивната нега и реанимација, каде една сестра често се грижи за четири до пет пациенти наместо за еден.

Во системот каде секоја секунда може да значи живот, недостигот од медицински сестри веќе не е само кадровски проблем, туку директен аларм за здравствената грижа. Најтешко е во одделенијата за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде притисокот расте, а бројот на кадар се намалува.

Од Македонското здружение на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега предупредуваат дека состојбата станува сè посериозна. Претседателката на здружението, Јулијана Казанџиска, за телевизија 24 вели дека стандардот треба да биде еден пациент – една медицинска сестра, но дека реалноста во моментов е далеку од тоа.

„Бројката на овие сестри е многу мала, треба да биде еден пациент-една медицинска сестра, а кај нас реално во оваа ситуација сега имаме четири до пет пациенти на една сестра. Тоа е загрижувачки и алармантно бидејќи тоа се пациенти кои се под 24-часовен мониторинг и мора да изнајдеме решение“, посочува Казанџиска за 24.

Таа нагласува и дека сестрите кои работат во интензивна нега мора да имаат специјализација што ќе биде препознаена од здравствениот систем. Според неа, без такво системско вреднување, професијата останува потценета и недоволно заштитена.

Како главни причини за недостигот се посочуваат ниските плати, слабото вреднување на трудот и големиот товар што го носи оваа професија. Оние што остануваат во системот, предупредуваат од здружението, работат на граница на издржливоста.

„Ова мора да биде аларм за нашите здравствени институции бидејќи тоа се одделенија каде се грижиме за најкритичните пациенти, а бројот е сè помал. Медицинските сестри го напуштаат работното место затоа што се сè помалку вреднувани, платени, а сè повеќе се оптоварени и наоѓаат друг начин кариерата да ја насочат во земјите во странство“, вели Казанџиска.

Темата беше отворена и на третиот конгрес на Македонското здружение на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега, што денеска се одржа во Скопје. На конгресот учествуваат еминентни професори од земјава и странство, а целта е развој на професијата и вмрежување со колеги од целиот свет.

Извори: Телевизија 24

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни