Вкупно 140 граѓански организации бараат од Министерството за правда веднаш да ја продолжи и да ја заврши постапката за измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Проблемот со закочената законска рамка и примената на новиот систем за е-фактура ќе бидат тема на јавната расправа што здруженијата „Конект“ и „ИМКА Битола“ ја организираат в понеделник, на 21 септември, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.
Граѓанскиот сектор предупредува дека од овие измени директно зависи иднината на филантропијата и финансиската самоодржливост на организациите. Секоја година речиси половина од граѓаните и компаниите во Македонија уплаќаат донации за општествено корисни цели. За бизнис секторот, токму даночните поттикнувања се главниот мотив за ваквите вложувања во заедницата.
Сепак, постојните законски бариери и бавната администрација го кочат овој потенцијал. Организациите инсистираат Министерството за правда без одложување да ги адресира причините за застојот на процесот, наместо измените со години да стојат во фиока.
На претстојната расправа се поканети ресорните министри, претставници на институциите, стопанските комори и здруженијата. Фокусот на дебатата ќе биде ставен врз дигитализацијата на процедурите за донирање и начинот на кој новиот систем за е-фактура на Управата за јавни приходи ќе влијае врз граѓанските здруженија. За таа цел, најавена е и посебна презентација од претставници на УЈП за техничката примена на софтверот.
Организаторите очекуваат институциите да понудат јасен временски рок за измените. Настанот е дел од проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.