Заборавете на преполните плажи: Новиот туристички тренд за 2027 е во природа

Наместо коктели покрај базен и фотографии од преполни туристички атракции, сè повеќе патници избираат двоглед, тишина и природа. Туристичките компании бележат голем раст на интересот за патувања посветени на набљудување птици, а 2027 година веќе се најавува како година на овој необичен тренд.

Наместо коктели покрај базен и фотографии од преполни туристички атракции, сè повеќе патници избираат двоглед, тишина и природа. Туристичките компании бележат голем раст на интересот за патувања посветени на набљудување птици, а 2027 година веќе се најавува како година на овој необичен тренд.

Туризмот добива нова насока. По годините во кои социјалните мрежи ги претворија популарните дестинации во места преполни со туристи, нова генерација патници сè повеќе се интересира за тивок одмор во природа.

Најновиот тренд е таканаречениот birdwatching – патување чија главна цел е набљудување птици во нивните природни живеалишта.

Според „Еуроњуз“, она што некогаш се сметало за хоби на тесен круг љубители на природата сега станува сè попопуларен начин на патување.

Податоците на туристичката платформа GetYourGuide покажуваат дека глобалните резервации за активности поврзани со набљудување птици пораснале за дури 65 проценти во периодот од 1 јануари до 27 август 2026 година, во споредба со истиот период лани.

TikTok го претвори набљудувањето птици во нов тренд

Една од причините за растечкиот интерес се социјалните мрежи, особено видеата со ознаката #BirdTok.

На овие видеа може да се видат ретки видови птици, необични природни пејзажи, утрински излети и моменти во кои патниците откриваат животни што претходно ги познавале само од документарни филмови.

Но, трендот има и поширока основа.

Во време кога голем дел од секојдневието поминува пред екран, туристите почнуваат да бараат активности што им овозможуваат да го забават темпото и да поминуваат повеќе време надвор.

Овој пристап се вклопува во поширокиот концепт на slow travel – патување кое го става искуството пред бројот на посетени знаменитости.

Резервациите растат, 2027 се најавува како година на птиците

Туристичката компанија Voyageurs du Monde забележала дека резервациите за вакви патувања во периодот јули–октомври 2026 година биле за 57 проценти повисоки од резервациите во првите шест месеци од годината.

Претставниците на компанијата велат дека патниците сè почесто не прашуваат само каде да патуваат, туку и што интересно можат да доживеат.

Наместо стандардни туристички маршрути, бараат специјализирани патувања со локални водичи, престој во природни резервати и можност да набљудуваат ретки видови.

Каде во Европа може да се доживее овој тренд?

Романија е една од најинтересните дестинации, особено делтата на Дунав, каде што живеат или престојуваат повеќе од 300 видови птици. Огромните водни површини, мочуришта и природни канали создаваат услови за набљудување пеликани и бројни птици преселници.

Северна Грција исто така привлекува внимание. Езерото Керкини и околните природни области се познати по богатството на птици и се особено интересни за посета во пролет и есен.

Во Португалија, атлантскиот брег, Азорските Острови и Мадеира нудат можност за набљудување морски птици, додека Исланд е познат по колониите на морските папагалчиња, односно puffins.

Меѓу другите европски дестинации што се издвојуваат се шведскиот полуостров Фалстербо, шкотскиот остров Фер Ајл и мочуриштата во англиски Норфолк.

Дали ова може да биде можност и за Македонија?

И Македонија располага со природни области што би можеле да бидат интересни за љубителите на вакви патувања.

Преспанското Езеро, познато по колониите на пеликани, и Дојранското Езеро се меѓу локациите со потенцијал за развој на специјализиран природен туризам.

За разлика од масовните туристички патувања, ваквите активности можат да се развиваат и надвор од главната летна сезона, со мали групи посетители, локални водичи и почитување на заштитените живеалишта.

Секако, зголемениот интерес мора да биде проследен со правила за заштита на природата за туристичките активности да не ги нарушуваат местата каде што птиците се хранат и се размножуваат.

Трендот што се најавува за 2027 година покажува дека иднината на патувањата можеби нема секогаш да се мери со бројот на посетени градови или направени фотографии.


Понекогаш најголемото туристичко доживување може да биде еден мирен ден во природа, со двоглед во рацете и без потреба од постојано гледање во телефонот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс