„За плата се бориме, не се молиме“ – Синдикатите повикуваат на масовен 1 Мај протест во Скопје

Протестот е поддржан од повеќе синдикални организации, меѓу кои: УПОЗ, СГИП, СОНК, СКРМ, СРТ, СМИА, Полицискиот синдикат, Агро-синдикатот, СУТКОЗ и други грански синдикати.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и придружните грански синдикати повикуваат на масовен работнички протест на 1 Мај, кој ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом во Скопје. Протестот, кој се организира осма година по ред на Меѓународниот ден на трудот, годинава се одржува под мотото: „ЗА ПЛАТА СЕ БОРИМЕ, НЕ СЕ МОЛИМЕ“.

Од ССМ порачуваат дека работничката борба не е еднократен чин, туку континуиран процес на заштита и унапредување на работничките права.

„Работничката борба не е само еден протест, еден штрајк или една блокада, туку континуирана борба за зачувување и унапредување на правата на работниците“, се наведува во повикот.

Синдикатите потсетуваат дека 1 Мај е ден на сеќавање на историските работнички борби, но и обврска за продолжување на таа традиција денес.

„Протестите и демонстрациите на 1 Мај се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон иднината“, порачаа организаторите.

Во повикот се нагласува и потребата од солидарност меѓу работниците, особено со оние со најниски примања.

„Денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас. Работничката солидарност не смее да има граници“, велат од синдикатите.

Организаторите упатуваат повик до сите работници да се приклучат на протестот и да покажат единство.

„Повикуваме да застанеме рамо до рамо со колешките и колегите и да покажеме дека работничкиот глас не може да се игнорира“, стои во соопштението.

ССМ и гранските синдикати порачуваат дека работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати и достоинствени услови за работа, додавајќи: „Македонија за повисоки плати“.

Протестот е поддржан од повеќе синдикални организации, меѓу кои: УПОЗ, СГИП, СОНК, СКРМ, СРТ, СМИА, Полицискиот синдикат, Агро-синдикатот, СУТКОЗ и други грански синдикати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни