YouTube ќе предупредува кога видеото е направено со AI

YouTube ќе користи интерни системи за автоматско означување фотореалистични AI видеа, а ознаките ќе бидат повидливи и кај класичните видеа и кај Shorts.

YouTube повеќе нема да се потпира само на креаторите за пријавување содржина направена или изменета со вештачка интелигенција. Платформата најавува дека нејзините интерни системи автоматски ќе додаваат ознаки кога ќе препознаат дека во видеото е користена фотореалистична AI содржина.

Оваа промена доаѓа во период кога AI моделите за видео стануваат сè понапредни, а разликата меѓу реална снимка и генерирана содржина станува сè потешка за препознавање.

YouTube веќе повеќе од две години има ознаки за AI содржина, откако во Creator Studio беше додадена опција преку која авторите треба да пријават видеа што би можеле да се помешаат со вистинска личност, место или настан. Сега, платформата оди чекор понатаму и сама ќе интервенира доколку креаторот не ја означи содржината.

Почнувајќи од мај, YouTube ќе користи нови интерни сигнали за препознавање AI содржина и нејзино автоматско означување. Креаторите и понатаму ќе имаат обврска сами да ја пријавуваат употребата на AI алатки, но ако тоа не го направат, платформата ќе може самостојно да додаде ознака.

Доколку некое видео биде погрешно означено, авторот ќе може да го промени статусот на пријавата. Исклучок ќе бидат содржини направени со YouTube AI алатки како Veo или Dream Screen, каде ознаката ќе остане.

Ознаките трајно ќе бидат прикачени на видеата што содржат C2PA метаподатоци, што значи дека содржината е целосно генерирана од вештачка интелигенција.

YouTube истовремено ќе ги направи AI ознаките повидливи и за класичните видеа и за YouTube Shorts. Кај подолгите видеа, ознаката ќе се појавува веднаш под плеерот, над описот, додека кај Shorts ќе биде прикажана директно врз видеото.

Претходно, ваквите ознаки најчесто беа скриени во проширениот опис, освен кај чувствителни теми како здравство или вести, каде што се прикажуваа директно на видеото.

За содржини што се само благо изменети, анимирани или очигледно нереални, ознаката ќе остане во проширениот опис.

Платформата го проширува и системот за откривање AI deepfake содржини. Возрасните корисници ќе можат да бараат снимки во кои се појавува нивното лице, што е особено важно во време кога deepfake видеата стануваат сè пореалистични и полесни за создавање.

Од YouTube наведуваат дека AI ознаките нема да влијаат на препораките ниту на можноста за монетизација. Нивната цел е гледачите појасно да знаат кога гледаат фотореалистична содржина создадена или изменета со вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс