WhatsApp воведува голема новина: Ќе можете да се вклучите во повик и без профил

Новата функција „Гест колинг“ овозможува учество во гласовни и видеоповици преку линк, без регистрација. Организаторот мора да го одобри пристапот, а повиците остануваат заштитени со енкрипција од крај до крај.

WhatsApp воведува нова функција наречена „Гест колинг“ (Guest Calling), со која во гласовни и видеоповици ќе можат да се вклучуваат и луѓе што немаат корисничка сметка на апликацијата. Наместо регистрација, потребен е само линк за повик што организаторот може да го испрати до лицето што сака да го вклучи во разговорот.

Функцијата го поедноставува организирањето повици со пријатели, колеги или други лица што не го користат Вацап. Сепак, пристапот не е автоматски: секој гостин мора да добие одобрение од организаторот пред да се приклучи.

Организаторот одлучува кој може да се приклучи

Според објаснувањето на Вацап, гостите прво влегуваат во виртуелна чекалница, каде што чекаат организаторот да им дозволи пристап. Организаторот може и во текот на разговорот да отстрани учесник доколку е потребно.

Гостите имаат ограничени можности во споредба со регистрираните корисници. Тие не можат да ги гледаат телефонските броеви на другите учесници, да им испраќаат пораки или директно да додаваат нови лица во повикот.

Новата опција е достапна во табот „Повиците“ (Calls), каде што корисниците можат да создадат линк и да го споделат со луѓето што сакаат да ги поканат. Според компанијата, повиците немаат временско ограничување и се заштитени со енкрипција од крај до крај.

WhatsApp подготвува и поврзување со календарите

Покрај повиците без корисничка сметка, Вацап најавува и дополнителни можности што треба да пристигнат подоцна годинава. Меѓу нив е интеграцијата со Гугл календар и Аутлук календар.


Со оваа опција, корисниците ќе можат да создаваат линкови за Вацап повици директно од календарот, без да мора претходно да ја отвораат апликацијата. Тоа би можело да го олесни закажувањето разговори, особено во работна средина и при организирање состаноци со луѓе што не користат Вацап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс