Ескалација на протестите во Албанија: 26 повредени во судирите во Тирана

Меѓу повредените има полицајци, демонстранти и случајни минувачи. Протестите поради условите во високото образование траат трет ден, а незадоволството прерасна во насилни судири и пожари.

Универзитетската трауматолошка болница во Тирана згрижила 26 лица повредени за време на протестите што се одржаа во четвртокот, меѓу кои полицајци, демонстранти и случајни минувачи. Според болницата, во моментот на објавувањето на извештајот на лекување биле задржани двајца полицајци и двајца демонстранти, кои биле во добра здравствена состојба, објави „Албански пост“.

Во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“, според официјалните податоци, немало пациенти повредени во протестите. Сепак, ситуацијата во главниот град на Албанија останала напната по неколкудневните демонстрации што прераснале во насилни судири.

Камења, молотови коктели и солзавец

Студентските протести, кои траат веќе три дена, се одржуваат поради незадоволството од условите на универзитетите, високите трошоци за студирање, недоволната финансиска поддршка и слабите можности за вработување по дипломирањето.

Во текот на денот дошло до судири во близина на Министерството за образование, каде што демонстрантите фрлале камења, а полицијата употребила солзавец за да ги растера насобраните. Во текот на претходната ноќ, учесници на протестите нападнале полициска станица со молотови коктели, а биле нападнати и Министерството за правда и трговскиот центар „Топтани“.

За време на немирите биле запалени возила и избиле пожари, додека безбедносните служби се обидувале да ја стават ситуацијата под контрола.

Незадоволството во Албанија трае со месеци

Тековните протести следуваат по неколкумесечни, претежно мирни демонстрации против плановите за изградба на луксузен туристички комплекс на југот на Албанија. Проектот го поддржува Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп и негов специјален пратеник, според информациите наведени во извештајот на „Еуроњуз“.


Најновиот бран демонстрации, сепак, е насочен кон условите во високото образование и проблемите со кои се соочуваат студентите. Организаторите бараат подобри услови за студирање, поголема финансиска поддршка и подобри перспективи за младите по завршувањето на факултетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс