Повеќе лица се повредени, а најмалку две се хоспитализирани по пукањето што се случило во основното училиште „Силвер Рејл“ во градот Бенд, во американската сојузна држава Орегон. Напаѓачот бил убиен во престрелка со полицијата, која пристигнала на местото на настанот, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Училиштето било ставено под безбедносна блокада, а полициската управа во Бенд ги повикала граѓаните да ја избегнуваат околината додека траела интервенцијата. Локалните медиуми известиле за засилено полициско присуство во областа.
Портпаролот на училишниот округ Бенд–Ла Пајн потврдил дека станува збор за инцидент со вооружен напаѓач, но не соопштил дополнителни детали.
„Во овој момент немаме точен број на повредени. Знаеме дека меѓу жртвите има и деца“, изјавила Шила Милер, портпаролка на полициската управа во Бенд.
Полицијата го застрелала напаѓачот кратко по пристигнувањето на местото на настанот. Засега не се објавени дополнителни информации за идентитетот на напаѓачот, мотивот за нападот или точниот број на повредени.
