Европските земји сè поинтензивно експериментираат со четиридневна работна недела, а досегашните резултати покажуваат дека ваквиот модел може да ја зголеми продуктивноста и да го намали стресот кај работниците. Најголемиот пилот-проект досега, спроведен во Велика Британија со 61 компанија, покажал дека дури 92 отсто од фирмите одлучиле да го задржат моделот и по шестмесечниот тест.
Истражувањето покажува дека 71 отсто од вработените почувствувале помал замор, 39 отсто пријавиле намален стрес, а кај 37 отсто било забележано подобрување на физичкото здравје. Истовремено, приходите на компаниите пораснале за 35 отсто во однос на истиот период претходната година.
Сепак, моделите се разликуваат од земја до земја. Во Белгија, работниците имаат право да ја распределат истата неделна норма од 38 часа во четири дена, без намалување на работното време, додека во Холандија се работи пократко – околу 32 часа неделно, со акцент на балансот меѓу работата и приватниот живот.
Во Германија, каде околу 70 компании учествуваа во експеримент, 73 отсто од нив продолжиле со четиридневната недела, бележејќи пад на стресот за 20 отсто и подобри здравствени резултати кај вработените. И покрај тоа, дел од политичарите и бизнис-заедницата остануваат скептични, предупредувајќи дека скратувањето на работното време може да биде ризично во услови на економска стагнација.
Поддржувачите на моделот сметаат дека дигитализацијата и вештачката интелигенција отвораат простор за пократка, но поефикасна работа, додека критичарите предупредуваат дека ваквиот пристап не може да се примени во сите сектори, особено во услужните дејности.