Марија Самарџиска, магистер по меѓународно право и меѓународни односи, денес ни покажува дека условите во кои растеш не ја одредуваат твојата иднина, туку начинот на кој ќе одлучиш да се бориш за себе.
Порасната во СОС Детско село, таа го градела својот пат чекор по чекор, со поддршка, но и со многу личен труд, соочувајќи се со предрасуди, очекувања и предизвици кои не се секогаш видливи однадвор. Денес, нејзината приказна е повеќе од лична – таа е порака до младите дека не треба да се откажуваат, но и потсетник до општеството дека зад секој млад човек стои потенцијал кој заслужува шанса.
Во разговор за Трн, Марија зборува за детството, за моментите што ја обликувале, за образованието и за поддршката што им е потребна на младите кога ќе го напуштат системот на грижа и ќе започнат самостоен живот.
Трн: Марија, што беше пресудно за да ја споделиш својата приказна јавно и од каде дојде храброста да зборуваш на оваа тема?
Марија: Храброста ми дојде од внатрешниот порив што го имав во себе уште од мала. Сакав да биде слушнат мојот глас, мојата страна на приказната, бидејќи голем број луѓе за мене имаа поинаква слика. И не тоа не ме боли – баш напротив за мене тоа претсавува уште поглем мотив. Имаше ситуација кога ќе ми кажеа: а правник значи, татко ти е некој богаташ, лесно ти е тебе, вие го дерете народот. Тоа е синдром на општество полно со предрасуди. Но, главната цел ми беше да покажам дека, без разлика кој како изгледа од страна, некаде длабоко како општество сме ја изгубиле емпатијата еден спрема друг и границата да не навлегуваме во туѓата приватност. Пред сè, сите сме луѓе. Честитањето на туѓ успех не ја намалува мојата вредност, ниту моите постигнувања – нема причина да го потценуваме другиот за да се издигнеме себеси.
Трн: Кому најмногу сакаш да му се обратиш преку твојата приказна и каква порака сакаш да стигне до младите кои минуваат низ тежок период?

Марија: Главна цел ми беше децата и младите кои поминуваат низ иста или слична ситуација како мене. Не мора тоа да се деца или млади кои растеле во алтернативна грижа, туку и оние што живеат со биолошките семејства, а сепак минуваат низ лоши периоди во животот. Сакам да ги охрабрам да знаат дека ако нешто навистина го сакаат и се трудат за него денес, утре или еден ден ќе најдат начин и ќе успеат. Но најважно од сѐ е да не се откажуваат.
Лично за мене, од голема важност ми беше кога слушав примери на луѓе кои ги сметав за успешни и кои постигнале нешто во животот, слушајќи низ какви предизвици истите се соочиле, а сепак успеале. Тогаш сфаќаш дека не сите проблеми на овој свет се само твои, како што понекогаш изгледа во одреден момент.
За жал, многу млади имаат можности кои не ги прифаќаат, или пак мислат чекај, ова е моја судбина, можеби подцна ќе се обидам и повотрно ќе дојде оваа можност. Но за жал некои можности доаѓаат само еднаш во животот. Доколку не сме спремни да ги искористиме, потоа е предоцна и немаме време за каење. Еве жив пример од моето секојдневие.
Имав ситуација со едно дете израснато во друг дом, кое ми еднаш ми рече: Лесно ви е вам од СОС, на секој начин ви помагаат, ти си разгалена од едукаторите. А истото дете ги имаше истите услови од државата, како и јас. Се насмеав и му реков: Па и ти истото го имаш, што мислиш едукаторите седна и ми ги научија испитите, они ли дипломира за мене?
Трн: Кои активности и моменти од животот во СОС Детско село најмногу ти останале во сеќавање?

Марија: Додека бев во СОС Детско село, дефинитивно тоа беа прошетките секој викенд со мама Нате на различни места, одењето по гости, а преку работната недела посетата на хоби активности како кошарка, карате и слично. Додека пак подоцна, кога преминав во младинската куќа, тоа беа излегувањата и дружбите со моите врсници, без разлика дали сите беа од СОС или дел од друштвото од средно. Се сеќавам дека едвај чекав да дојде викенд за да одиме кај баба Мира и дедо Зоки, да пешачиме. Исто така, посебно место имаат посетите на различни кампови преку лето, обуки и работилници во Македонија и во странство, кои ни помагаа да се вмрежиме со наши врсници, деца од целиот свет и да научиме нешто ново. Нвидум изгледаат како мали моменти кои за мене во тој период многу значеа, а и сега кога ќе се навратам наназад дефинитивно ми се едни од најубавите сеќавања од детството.
Трн: Колку е важно образованието за младите кои излегуваат од системот на грижа и дали имаш примери на млади кои продолжиле успешно понатаму?
Марија: Познавам доста голем број млади кои завршиле факултет, не само од СОС Детско село, туку и од другите домови во Македонија. Неодамна имаше девојка која по вторпат магистрираше. Познавам и млад човек кој во моментов е на докторски студии во Костарика, како и младо лице, исто така излезено од СОС Детско село, кое моментално е на мастер студии на Факултетот за уметност, а паралелно работи како професор во гимназија и во основно училиште. Познавам и веќе возрасна жена која е претставник на Македонија во Европскиот парламент.
Тоа што можам да го кажам, статистички гледано, е дека има доста голем број млади кои запишале и успешно го завршиле своето образование. За жал, има и такви кои се откажале. Сепак, и тоа е дел од животот, но успеале да се пронајдат во некоја друга област.
Трн: Каква поддршка добиваат младите од државата и од СОС Детско село за време на нивните студии?
Марија: Да, постои студентски додаток што секое дете кое спаѓа во групата на социјално ранливи категории го добива на месечно ниво. Тоа важи и за додипломски и за мастер студии. Но, главниот проблем беше што претходно додатокот беше условен со тоа студентот да не смее паралелно да работи за да го користи. Искрено, за време на корона-кризата, повеќето од нас младите не знаевме правилно да ги насочиме тие пари.
Иако некој ќе рече дека со тие средства некое семејство со деца може да издржи половина или цел месец, сепак, кога ќе се соберат трошоците за кирија, сметки и секојдневен живот, а имајќи ја предвид и моменталната инфлација, тие не се доволни. Особено подоцна, на мастер студии, кога студентот не е ослободен од плаќање семестар, како што беше случајот на додипломските студии. Добро е што во последните две години овој надоместок беше зголемен.
Можеби со ова што ќе го кажам ќе звучам неблагодарно, но мислам дека државата, кога веќе се актуелни темите околу реформите во високото образование, освен фокусот врз изборот на професорите, треба да стави акцент и на условите што ги нуди за оваа група млади. Имено, барем еднаш треба сериозно да се разгледа можноста за бесплатни мастер студии. Можеби некој ќе каже дека секој сам избира дали ќе продолжи на мастер и дека никој не го тера, но добро знаеме дека постојат одредени области, како правото или медицината, каде што е потребна дополнителна едукација и специјализација, без кои додипломските студии немаат толкаво значење, барем не на почетокот.
Токму во тој мал број области сметам дека би требало да се воведе ваква можност. Од аспект на помош при наоѓање работа, моментално нема директна поддршка, освен грантови за самовработување, како и за сите други млади. Дополнително, голем број државни органи често испраќаат претставници во програмите за вработливост на СОС.
Се сеќавам дека, кога бев на почетокот на средното образование, постоеше програма со која на децата од ранливи категории, по завршувањето на високото образование, им се овозможуваше вработување во некоја од државните институции. Мерката, колку што знам, сè уште постои, но не е толку активна како во минатите години.
Трн: Како СОС Детско село ги подготвува младите за самостоен живот по излегувањето од системот на грижа?

Марија: Најпрвин се прави индивидуален план за подготовка за живот надвор од СОС, кој опфаќа помош околу барање стан, преселување и осамостојување. Понатаму, оние кои се во програмата ППНЖ, по осамостојувањето имаат одредени поволности да посетуваат различни обуки и семинари, што ни овозможува да ги развиваме вештините.
Дополнително, на европско ниво, сите СОС Детски села имаат одредени проекти за подобрување на вработливоста кај младите. Преку нив ние, младите, поминуваме обуки, но имаме и средби со претставници од работодавачи, каде што лице в лице можеме да видиме што конкретно се бара на пазарот на труд, кои ни се силни, а кои слаби страни и на што треба понатаму да поработиме за најдобро да се претставиме.
Во склоп на YEEP проектот имаше и грантови кои им помагаа на младите, не само на оние кои се дел од СОС, туку и на други млади од ранливи категории, да отворат сопствен бизнис. Токму од тој проект произлегоа повеќе успешни претприемачки приказни.