Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе ги зголемат тарифите за автомобили и камиони од Европската Унија на 25%, од досегашните 15%, обвинувајќи го Брисел дека не го почитува трговскиот договор со Вашингтон.
Трамп соопшти дека мерката ќе стапи на сила веќе следната недела и нагласи дека целта е да се принудат европските производители побрзо да го префрлат производството во САД. Тој додаде дека нема да има тарифи за возила произведени во американски фабрики.
Европската комисија веднаш ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека ЕУ не ги прекршува договорите и најави дека ќе ги разгледа сите опции за заштита на европските интереси доколку САД продолжат со мерките.
Одлуката доаѓа во време на зголемени тензии меѓу САД и ЕУ, поврзани и со војната со Иран и несогласувањата околу безбедносните и трговските политики. Економисти предупредуваат дека ваквиот потег може дополнително да ја ескалира трговската војна и да предизвика контрамерки од европска страна.