Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е задоволен од најновиот ирански предлог за разговори за војната со Иран, оценувајќи дека Техеран бара работи на кои Вашингтон не може да се согласи.
Трамп рече дека Иран „сака договор“, но дека предлогот не е прифатлив за САД. Според него, иранското раководство е поделено, а преговорите продолжуваат телефонски, иако двете страни сè уште немаат договор за нова средба по краткиот самит во Исламабад минатиот месец.
Иранскиот министер за надворешни работи, пак, порача дека Техеран е подготвен за дипломатија, но само ако САД го сменат, како што рече, „прекумерниот пристап“. И покрај прекинот на огнот од 8 април, двете земји остануваат во судир околу иранската нуклеарна програма и контролата врз Ормускиот теснец.
Во исто време, односите на САД со европските сојузници дополнително се заоструваат. Вашингтон најави повлекување на 5.000 американски војници од Германија, откако германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека САД немаат јасна излезна стратегија и дека Иран го понижува Вашингтон.
Трамп во говор во Флорида порача дека САД нема да ја прекинат конфронтацијата со Иран прерано, за проблемот повторно да се појави по неколку години. Тој повтори дека Иран нема да смее да поседува нуклеарно оружје, додека Вашингтон е под притисок да го прекине иранското влијание врз Ормускиот теснец, низ кој е блокиран значаен дел од светските енергетски испораки.