САД ќе повлечат околу 5.000 војници од Германија во следните шест до дванаесет месеци, потврди Пентагон. Наредбата ја донел американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, а одлуката доаѓа во период на заострени односи меѓу Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц околу војната со Иран.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, соопшти дека повлекувањето следи по „темелна ревизија“ на распоредот на американските сили во Европа и дека се земени предвид потребите на терен. Германија моментално е најголемиот домаќин на американски трупи во Европа, со повеќе од 36.000 активни војници распоредени во бази низ земјата.
Одлуката следува откако Мерц јавно оцени дека САД немаат јасна стратегија за излез од конфликтот со Иран и дека Вашингтон е „понижен“ од иранското раководство. Трамп возврати со остри напади, обвинувајќи го германскиот канцелар дека „не знае за што зборува“ и дека Германија лошо се справува со економијата и другите предизвици.
Американскиот претседател истовремено најави дека би можел да разгледа и повлекување војници од Италија и Шпанија, критикувајќи ги двете земји дека не ја поддржале американската линија околу повторното отворање на Ормускиот теснец. Според американски и европски медиуми, потегот дополнително го продлабочува јазот меѓу Вашингтон и дел од европските сојузници во НАТО.
Ова не е првпат Трамп да бара намалување на американското воено присуство во Германија. Во 2020 година беше предложено преместување на околу 12.000 војници, но планот не беше реализиран и подоцна беше поништен од администрацијата на Џо Бајден. Новата одлука, сепак, веќе е најавена како конкретно повлекување што треба да се заврши во рок од една година.