Нов инцидент во Хрватска: Товарен воз поминал на црвено, спречен нов директен судир

Возовите сопреле на само неколку метри растојание, а железничарите морале да ја исклучат струјата за да избегнат катастрофа.
Фото: Universe876, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Товарен воз на државната компанија „ХЖ Карго“ денеска попладне поминал низ црвено светло на железничката станица Шкрљево и за малку ќе се судрел со патнички воз што сообраќал на линијата од Ријека кон Загреб. Инцидентот се случил околу 13:06 часот, а трагедијата била спречена во последен момент кога двете композиции запреле на растојание од само неколку метри.

Според официјалното соопштение од Хрватските железници, товарниот воз го поминал излезниот сигнал и покрај забранетото преоѓање. Откако биле забележани дејствата на товарната композиција, надлежните службеници веднаш реагирале и го исклучиле напонот во контактната мрежа на релацијата меѓу Шкрљево и Меја. Со овој потег автоматски биле запрени двата воза, со што е избегнат директен судир на пругата.

Во инцидентот нема повредени патници ниту материјална штета. На местото на догаѓајот веднаш излегле полициски екипи и Комисијата за истражување вонредни настани од железничкиот сектор за да ги утврдат сите околности и причини поради кои машиновозачот ја игнорирал сигнализацијата. Сообраќајот на тој дел од пругата привремено е во прекин до завршување на увидот.

Ова е втор ваков инцидент во два дена во Хрватска, откако вчера најмалку 25 лица беа повредени во директен судар меѓу патнички и товарен воз кај Крижевци. Несреќата се случи на линијата меѓу Свети Иван Жабно и Градац, а повредените беа пренесени во болниците во Загреб, Бјеловар и Копривница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс