Цената на нафтата брент денеска во текот на тргувањето достигна 116,32 долари за барел, со раст до 2,8 проценти. Новото поскапување доаѓа поради загриженоста дека ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток може дополнително да го наруши снабдувањето со енергенси, објави „Фајненшл тајмс“.
Пазарите ги следат нападите на јеменските хути врз Саудиска Арабија, еден од најголемите светски извозници на нафта. Според „Ројтерс“, „Сауди Арамко“ во четвртокот наредила евакуација на своето седиште во Дахран, во услови на засилени борби.
Дополнителен притисок создаваат високите транспортни трошоци и неизвесноста околу испораките. Аналитичарите посочуваат дека натамошното движење на цените ќе зависи од обемот на реалните прекини во снабдувањето и од времето потребно за обновување на операциите.
Растот продолжува по силното поскапување во четвртокот, кога брент ја заврши трговската сесија на 113,17 долари за барел, четири проценти повисоко. Американската нафта WTI тогаш поскапе за 2,4 проценти, на 99,47 долари.
Проблеми со понудата има и во Либија. Затворањето вентил на нафтоводот што ги поврзува полињата Хамада и Тахара со пристаништето Завија довело до намалување на производството на двете наоѓалишта, пренесе „Ројтерс“.
Американската агенција за енергетски информации во октомвриската прогноза оцени дека цените ќе останат високи додека не се олеснат ограничувањата на нафтените текови од Блискиот Исток и не се обноват светските резерви. Агенцијата предупреди и на можни силни краткорочни осцилации.
