Недостиг на гориво е на повидок, цените растат, а Брисел е под притисок да реагира со итни мерки.
Европските авиокомпании ја повикаа Европската Унија да интервенира со итни мерки за да се ублажат последиците од војната со Иран, вклучувајќи масовни затворања на воздушниот простор и сѐ поголема загриженост за недостиг на авионско гориво, покажува документ во кој имал увид Ројтерс.
Индустриската група Авиокомпании за Европа побарала од ЕУ да воведе низа кризни мерки, меѓу кои следење на резервите на авионско гориво на ниво на Унијата, привремено суспендирање на европскиот пазар за јаглеродни емисии во авијацијата и укинување на дел од воздухопловните такси.
Затворено небо и ризик од недостиг
Авијацискиот сектор е силно погоден од затворањето на воздушниот простор откако на 28 февруари започна американско-израелската воена кампања против Иран. Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија им забрани на европските авиокомпании да летаат над повеќе земји од Заливот, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Катар, најмалку до 24 април.
Секторот се соочува и со можен недостиг на авионско гориво поради затворањето на Ормускиот теснец. Минатата недела, индустриската група Меѓународен совет на аеродроми Европа предупреди дека Европа би можела да се соочи со системски недостиг на авионско гориво за само три недели.
Брисел под притисок
Во документот, А4Е го повикува Брисел да разгледа заедничка набавка на керозин на ниво на ЕУ – клучен енергенс за авионскиот сообраќај. Од Европската комисија вчера соопштија дека во моментов нема недостиг на авионско гориво во Унијата, но предупредија дека ситуацијата може брзо да се влоши.
„Во моментов нема докази за недостиг, но во блиска иднина може да дојде до проблеми со снабдувањето“, изјави портпарол на Комисијата во Брисел.
Тој додаде дека снабдувањето со сурова нафта за европските рафинерии засега е стабилно, но останува главна грижа.
Можно проширување на мерките
Европската Унија веќе има искуство со заедничка набавка на енергенси, откако во 2022 година воведе механизам за купување природен гас по намалувањето на испораките од Русија. Сепак, овој модел сè уште не е применет за нафта или керозин. А4Е, чии членки се авиокомпании како Луфтханза, Ер Франс-КЛМ и ИзиЏет, бара и измена на правилото според кое државите мора да имаат 90-дневни резерви на нафта, бидејќи тоа не вклучува посебни резерви за авионско гориво.
Цените растат, летови се укинуваат
Војната сериозно ги наруши воздушните рути меѓу Азија и Европа кои се потпираа на заливските центри. Во исто време цените на авионското гориво се речиси двојно зголемени, авиокомпаниите ги зголемуваат цените на билетите, се воведуваат дополнителни такси за гориво и се укинуваат дел од летовите.
Ова создава силен притисок врз европската авијација и отвора ризик од сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај во наредниот период.