Воен авион принудно слета на пат во Франција и се запали, двајца пилоти повредени

Воен авион за обука на француското воздухопловство принудно слетал на регионален пат во близина на градот Салон де Прованс, по што се запалил. Во авионот биле инструктор и пилот на обука, кои се здобиле со полесни повреди и успеале навреме да ја напуштат леталката.
Screenshot

Драма се случила денеска во близина на францускиот град Салон де Прованс, кога воен авион за обука морал принудно да слета на пат, а потоа се запалил.

Во авионот имало двајца припадници на француските Воздухопловни и вселенски сили, инструктор и пилот на обука. Двајцата се здобиле со полесни повреди, но успеале сами да го напуштат авионот пред пожарот да ја зафати леталката. 

Инцидентот се случил во понеделник, 17 август, за време на тренажен лет. Нешто пред 10 часот по локално време, екипажот испратил сигнал за опасност, по што пилотите се обиделе да го приземјат авионот на патот РД 113. 

Според првичните информации, авионот при принудното слетување удрил во заштитна ограда, по што избувнал пожар. На местото веднаш биле испратени пожарникари и медицински екипи.

Пилотот успеал да избегне куќи и населени места

Особено внимание привлече начинот на кој е изведено принудното слетување.

Според локалните власти, екипажот успеал да го насочи авионот кон патот и да избегне населени подрачја. Француското Министерство за вооружени сили потврди дека нема повредени лица на земјата. 

Градоначалникот на Салон де Прованс го оцени потегот на инструкторот како исклучително вешт, бидејќи авионот бил спуштен на патот без да бидат погодени куќи или други објекти. 

На местото интервенирале околу 30 пожарникари, кои го ставиле пожарот под контрола. 

Станува збор за авион за обука

Леталката е од типот „Цирус СР 20“, лесен авион со еден мотор кој се користи за основна обука на воени пилоти.

Авионот е поврзан со Воздухопловната и вселенската академија во Салон де Прованс, каде што се наоѓа и француската воена база 701. Базата е еден од главните центри за обука на француските воени пилоти. 

Иако станува збор за релативно лесна леталка за обука, ситуацијата станала особено опасна во моментот кога екипажот бил принуден да слета надвор од аеродром.

Истрага за причините

Причината поради која авионот морал да изврши принудно слетување засега не е официјално соопштена.

Француските власти започнале истрага за да се утврди што довело до инцидентот. Одделно ќе се проверуваат околностите поврзани со безбедноста на летот и самото принудно слетување. 

Најважно е што двајцата членови на екипажот преживеале, со полесни повреди, а при инцидентот нема пријавени повредени цивили. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс